23 април — Младите — Божји орудија

Мараната — Господ доаѓа
Младите — Божји орудија
23 април
„Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја.“ (Плачот 3:27) {МАР 121.1}
„Бог ги повикува младите луѓе, во силата и полетот на нивната младост, да учествуваат со Него во самооткажувањето, жртвата и страдањето. Ако го прифатат повикот, ќе станат Негови орудија за спасување на душите за кои Тој умрел. Но Тој сака да бидат свесни за цената и целосно да се запознаат со условите во кои ќе работат додека Му служат на распнатиот Откупител. … {МАР 121.2}
Но наша прва должност треба да биде своите срца да ги доведеме во хармонија со Бога, бидејќи тогаш ќе бидеме во состојба да работиме за другите. Порано нашите работници ревносно го испитуваа своето срце. Тие се советуваа меѓу себе и се соединуваа во понизна, срдечна молитва, барајќи божествено водство. … А Христовото доаѓање сега е поблизу од тогаш кога поверувавме. Секој ден што ќе помине нѐ остава со еден ден помалку за објавување на веста на светот. О, кога денес би имало повеќе срдечно застапување при Бога, поголема понизност, чистота и вера.“ (Сведоштва за црквата, том 5, стр. 87, 88) {МАР 121.3}
„Ние треба да извршиме едно големо дело за Господа – Божјата Реч да ја направиме пристапна за оние кои се наоѓаат во мракот на заблуди. Млади пријатели, работете како луѓе врз кои почива свечена одговорност. Вие треба да ја проучувате Библијата за да бидете во состојба да му одговорите на секого кој ќе ве запраша за причината за вашата надеж. Со христијанско достоинство на секој покажете му дека имате вистина која сите луѓе треба да ја слушнат. Ако таа вистина се вкорени во вашите срца, тоа ќе се забележи во вашиот живот и во вашите постапки, во вашето владеење со себеси и во мирот кој само христијанинот може да го има.
Оние кои се вистински понизни и чијшто ум е развиен со откриените вистини на евангелието ќе имаат силно влијание врз другите. Тие ќе оставаат впечаток на умот и на срцата на другите.“ (Сведоштва за црквата, том 5, стр. 401) {МАР 121.4}
„Немам поголема желба од онаа да ја видам нашата младина проникната со дух на чиста вера која ќе ја наведе да го земе својот крст и да појде по Христа. Млади Христови ученици, тргнете, управувани според начелата, облечени во облека на чистота и праведност. Вашиот Спасител ќе ве постави на место кое најмногу одговара на вашите способности и каде што ќе бидете од најголема корист. Бидете сигурни дека на патот на должноста ќе примите благодат доволна за вашиот ден.“ (Сведоштва за црквата, том 5, стр. 87) {МАР 121.5}
