22 април — Доблеста на заборавањето на себе

Мараната — Господ доаѓа

Доблеста на заборавањето на себе

22 април

„И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене.“ (Галатјаните 2:20) {МАР 120.1}

„Преку вера апостол Павле ја примил Христовата благодат и таа благодат ги задоволила потребите на неговата душа. Преку вера го примил небесниот дар и го споделил со душите што копнееле за светлина. Тоа е искуството што ни е потребно и нам. … Молете се за таква вера. Борете се за неа. Верувајте дека Бог ќе ви ја даде. {МАР 120.2}

Во нашиот свет треба да се изврши големо дело. Ова не е земја на соништата. Пред нас стои жива стварност. Насекаде се гледаат манифестации на сатанската сила. Да соработуваме со Оној Кој обновува и воздигнува. Да не заборавиме дека оној што работи со Христос мора да ја црпи својата сила од Изворот на сета сила. … На христијаните им е потребна сила на мислата, цврста волја и знаење што произлегува од проучувањето на Божјата Реч. Не смеат да си дозволат да го полнат својот ум со празни работи. Секој ден мораат да се обновуваат со духовна сила. {МАР 120.3}

Учете од Оној Кој рекол: ’сум кроток и смирен по срце‘. Учејќи од Него, ќе најдете мир. Од ден на ден ќе стекнувате искуство со Бога, ќе ја сфаќате величината на Неговото спасение и славата на единството со Него. Постојано ќе учите како подобро да живеете како Христос и постојано ќе растете сè повеќе наликувајќи на Спасителот. {МАР 120.4}

Ако умреме за себе, ако го прошириме своето разбирање за тоа што може Христос да биде за нас и што можеме ние да бидеме за Него, ако се обединиме еден со друг со врските на христијанското заедништво, Бог ќе работи преку нас со моќна сила. Тогаш ќе бидеме посветени преку вистината. Бог навистина ќе нè избере, а Светиот Дух ќе управува со нас. Секој ден ќе ни биде драгоцен, зашто во него ќе гледаме можност да ги употребиме даровите што ни се доверени за благослов на другите.“ (Review and Herald, 30 мај 1907) {МАР 120.5}

„Мораме да заборавиме на себе додека со љубов им служиме на другите. … Можеби не се сеќаваме на некои љубезни дела што сме ги направиле … но вечноста ќе го изнесе на виделина секое дело сторено за спасение на душите, секој збор изговорен за утеха на Божјите деца; овие дела, сторени во Христово име, ќе бидат дел од нашата радост низ целата вечност.“ (In Heavenly Places, стр. 230) {МАР 120.6}