2 април — Порака од крстот

Мараната — Господ доаѓа

Порака од крстот

2 април

„А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот.“ (Галатјаните 6:14) {МАР 100.1}

„Бог ми даде една вест за Неговиот народ. … Вие сте купени по скапа цена, браќа и сестри, и сè што имате и што сте, мора да се искористи на Божја слава и за добро на вашите ближни. Христос умре на крстот за да го спаси светот од пропаста во грев. Тој ве повикува да соработувате со Него во ова дело. Вие треба да бидете Негова рака помошничка. Со сесрдни и неуморни напори треба да настојувате да ги спасите изгубените. … {МАР 100.2}

Преобразувачката сила на Христовата благодат го преобразува човекот кој ќе се посвети на Божјата служба. … Тој повеќе не може да биде рамнодушен кон душите кои пропаѓаат околу него. … Тој сфаќа дека секој дел од неговото битие Му припаѓа на Христа, Кој го избавил од ропството на гревот; дека секој момент од неговата иднина е купен со драгоцената крв на Единородниот Божји Син. {МАР 100.3}

Дали толку длабоко ја цените жртвата направена на Голгота, за да ги потчините сите свои интереси на делото на спасување на душите? Истата силна желба за спасување на грешниците која го карактеризирала животот на Спасителот треба да го карактеризира и животот на Неговиот вистински следбеник. Христијанинот не копнее да живее за себе. Тој наоѓа задоволство во тоа сè што има и сè што е да го посвети во служба на Господа. Него го поттикнува неискажана желба да придобива души за Христа. … {МАР 100.4}

Како најдобро можам да Го прославам Оној Кому Му припаѓам по создавањето и откупувањето? Тоа е прашање кое треба да си го поставиме себеси. Човекот што навистина се обратил, се труди со срдечна грижа да ги избави оние кои сè уште се наоѓаат во сатанска сила. … {МАР 100.5}

Ни останува само уште малку време да се подготвиме за вечноста. … На народот му е потребна вистината и таа мора да им се донесе со сесрдна и верна работа. Души треба да се бараат; ние треба да се молиме и да работиме за нив. … {МАР 100.6}

На нас почива тешка одговорност да го опоменеме светот за пропаста која му се приближува. … Бог ја повикува Својата црква да стане и да се облече во сила. Треба да се придобијат бесмртни круни; треба да се придобие небесното царство; треба да се просветли светот кој пропаѓа во незнаење.“ (Сведоштва за црквата, том 7, стр. 9–12, 16) {МАР 100.7}