За каков одмор се определува христијанинот?

Адвентен дом

Што да си играме?

Христијанинот и световната забава. – Постои разлика помеѓу рекреација и забава. Рекреацијата, кога е навистина она што нејзиното име значи, (рекреација) зајакнува и изградува. Одвојувајќи нѐ од нашите секојдневни грижи и работи, таа му пружа освежување на умот и на телото и така нѐ оспособува со нова сила да се вратиме на сериозната животна работа. {АД 512.1}

Од друга страна, забавата се бара поради уживање и во неа често се претерува; таа ја троши силата за полезна работа и така станува пречка за вистинскиот успех во животот. {АД 512.2}

Постои остра разлика помеѓу дружење со Христовите следбеници заради христијанска рекреација и световни собири на кои се бараат телесни уживања и забави. Наместо молитви и спомнување на Христа и она што е свето, од устата на световните луѓе ќе се слушне бесмислено смеење и празни зборови. Тие сакаат добро да се забавуваат. Нивните забави започнуваат во бесмисленост и завршуваат во себичност. {АД 512.3}

Умереноста мора да се покаже во забавите како и во сѐ друго. Внимателно и темелно треба да се разгледа карактерот на овие забави. Секој од младите треба да се запраша: Како овие забави ќе влијаат на физичкото, умствено и морално здравје? Дали мојот разум ќе биде толку заслепен што ќе го заборави Бога? Дали ќе престанам да ја гледам Неговата слава? {АД 512.4}

Како да ги препознаеме вистинските задоволства. – Да не го заборавиме фактот дека Исус е извор на радоста. Тој не се радува на бедата на човечките суштества туку сака да се среќни. {АД 513.1}

Христијаните располагаат со многу извори на среќа и со непогрешлива точност можат да кажат кои задоволства се исправни. Тие можат да уживаат во разоноди кои нема да го оптоваруваат умот или да ја расипат душата, кои нема да ја разочараат и да остават жалосна трага на влијанија кои го разоруваат самопочитувањето и го затвораат патот кон полезноста. Ако со себе можат да го понесат Исуса и да го сочуваат духот на молитвата, тие се целосно сигурни. {АД 513.2}

Секоја разонода во која со вера можете да побарате Божји благослов не е опасна. Но секоја забава која ќе ве онеспособи за молитва на семејното богослужение или за учествување на молитвени богослужби не е сигурна, туку опасна. {АД 513.3}

Забави кои онеспособуваат за секојдневните должности. – Ние припаѓаме на оние луѓе кои веруваат дека нивната предност е што секој ден на оваа Земја живеат за слава на Бога; на овој свет не треба да живееме само заради забава, само за да си угодуваме себеси. Ние сме тука за да бидеме од корист за човештвото и на благослов на општеството. Ако дозволиме нашите мисли да се занимаваат со она со што се занимаваат многу кои се себични и бесмислени, како можеме да бидеме полезни за својот народ и своето поколение? Како можеме да бидеме на благослов на друштвото кое нѐ опкружува? Не можеме наивно да учествуваме на ниту една разонода која би нѐ онеспособила поверно да ги извршуваме обичните должности. {АД 513.4}

Треба да се избегнува секоја разонода која толку го преокупира умот, што секојдневните животни должности изгледаат здодевни и непривлечни. Впуштајќи се во такво уживање, умот се насочува во погрешен правец, а сатаната така ги искривува мислите, што злото изгледа како добро. Тогаш воздржаноста и послушноста кон родителите, каква што Христос покажал кон своите родители, изгледа неподнослива. {АД 513.5}

Недолични собири. – Има многу нешта кои сами по себе се добри, но кои изопачени од сатаната, стануваат стапица за невнимателните. {АД 514.1}

Забавните седенки се пречка за вистинско растење, и за умот и за карактерот. Така се формираат лесноумни друштва, се создаваат екстравагантни навики, трки за уживање и многу често расипништво што го фрла целиот живот во бездна на злото. Родителите и учителите можат многу да направат таквите забави да се заменат со здрава и животодавна разонода. {АД 514.2}

Во местото имаше друштвени состаноци, забавни седенки кои беа срам за нашата установа и црква. Тие поттикнуваат расфрлање со облека, злоба во однесувањето, самозадоволство, разузданост и бесмислени шеги. Тука сатаната е почесен гостин и тој владее со оние кои ги забрануваат таквите собири. {АД 514.3}

Ми беше прикажан еден таков собир кој ги собрал оние кои тврделе дека и веруваат на вистината. Некој седел покрај музичкиот инструмент и се слушале песни, кои присутните ангели ги натерало да заплачат. Имало веселба, имало грубо смеење, и имало претерано одушевување и некаков вид на занес; тоа била радост која само сатаната можел да ја создаде. Сите кои го сакаат Бога ќе се срамат од таквото воодушевување и занесеност. Тоа ги наведува учесниците на несвети мисли и постапки. Имам причина да верувам дека некои кои учествувале во оваа сцена, искрено се каат за срамното дело. {АД 514.4}

Ми беа прикажани многу такви собири. Видов веселост, расфрлање со облека, лично украсување. Секој сакал да сјае повеќе, и затоа се препуштале на разузданост, глупави пораки, евтини и бесмислени ласкања и громогласно смеење. Очите им светкале, образите им се руменеле, но совеста спиела. Јадејќи, пиејќи и веселејќи се, направиле сѐ за да го заборават Бога. Сликите од таквата разузданост го прават нивниот рај. А небото сѐ гледа, забележува и слуша. {АД 515.1}

Собирањата поради забава ја затемнуваат верата и ги мешаат чувствата правејќи ги несигурни. Господ не прима ниту едно поделено срце. Тој сака целосен човек. {АД 515.2}

Неколку популарни разоноди кои се опасни. – Многу забави кои денес се омилени во светот, дури и меѓу оние кои тврдат дека се христијани, се многу слични на задоволствата на многубошците. Има малку такви кои сатаната не би можел да ги искористи и да им ги упропасти душите. Низ драма тој со векови ги возбудувал страстите и ги издигнувал пороците. Сатаната ја користи операта со нејзиниот волшебен раскош и со збунувачка музика, маскенбал, играње и коцкарски маси за да ги сруши оградите на начелата и да ја отвори вратата на телесното попуштање. На секој собир поради забава, каде злобата се подига или му се попушта на апетитот, каде што човекот се наведува да го заборави Бога и да ги изгуби од вид вечните интереси, сатаната ја врзува душата со своите ланци. {АД 515.3}

Вистинскиот христијанин нема да посака да влезе на ниту едно место на забава, ниту да се впушти во ниедна разонода за која не може да побара Божји благослов. Него нема да го најдеме во театар, во салите за билјард или куглање. Тој нема да учествува во разуздани валцери, или во било кое друго занесно задоволство, кое го истерува Христа од умот. {АД 515.4}

Ние им велиме на оние кои бараат такви разоноди: во нив не можете да учествувате во името на Исус од Назарет. Бог не го благословува часот поминат во театар или на танцување. Нема христијанин кој би сакал да умре на такво место. Никој не би сакал Христос таму да го затекне кога ќе дојде. {АД 516.1}

Жариште на неморалот. – Најопасното место за уживање е театарот. Наместо да биде училиште на моралот и вредностите, како што тоа често се тврди, тоа е жариште на неморалот. Со вакви разоноди се раѓаат и се потврдуваат пороците и грешките на склоностите. Лесни песни, разуздани движења, изрази и однесувања ја расипуваат фантазијата и го намалуваат моралот. Секоја млада душа која по навика присуствува на такви сцени ги расипува своите начела. Во нашата земја нема влијанија кои посилно би можеле да ја отрујат фантазијата, да ги уништат верските впечатоци и да ја затапат желбата за смирени задоволства и трезвена реалност на животот од театарските забави. Љубовта кон овие сцени се зајакнува со секое попуштање, како што со употреба се зајакнува желбата за опојни пијалаци. Единствен сигурен пат е да го избегнуваме театарот, циркусот и секое сомнително место за забава. {АД 516.2}

Училиште на изопаченоста. – Во многу христијански семејства танцувањето и играњето карти се омилена разонода. Се вели дека тоа се наивни семејни забави во кои под родителски надзор може мирно да се ужива. Меѓутоа, така се создава љубовта кон овие возбудливи задоволства и она што во домот се сметало за наивно, нема надвор од него да се смета за опасно. Може ли нешто добро да произлезе од тие забави? Тие не го зајакнуваат телото ниту го одмараат умот. Тие во душата не всадуваат ниту едно чесно или свето чувство. Напротив, тие ја уништуваат секоја желба за сериозно размислување и верска служба. Навистина, постои голема разлика помеѓу забава со одбрано друштво и случајни, понижувачки собири во салите за игра. Но сепак тоа се сѐ чекори на патот кон разузданоста. {АД 516.3}

Давидовата игра не е пример. – Љубителите на уживањето во желбата да ја оправдаат помодарската желба за игра ја наведуваат Давидовата игра во света радост пред Бога, но таквиот доказ нема темели. Во наше време играњето е поврзано со безумие и полноќни оргии. Здравјето и моралот се жртвуваат на задоволството. За посетителите на салите за играње, Бог не е предмет на размислување и почитување; на нивните собири за молитва или песни за пофалба нема место. Тоа треба да биде одлучувачки испит. Христијаните не треба да бараат забави кои ја слабеат љубовта кон она што е свето и ја намалуваат нашата радост во служба за Бога. Музиката и играта во радосна пофалба кон Бога при преселувањето на ковчегот во ништо не потсетуваат на разузданоста на модерните игри. Овој случај е пример на свето сеќавање на Бога и возвишување на Неговото свето име. Во друг случај е средство со кое сатаната ги наведува луѓето да го заборават Бог и да Го срамотат. {АД 517.1}

Играње карти. – Треба да се забрани играњето карти. Самата мисла и склоноста се опасни. Кнезот на силата на темнината престојува во салите за играње карти и на секое друго место на кое се играат карти. Злите ангели се редовни гости на таквите места. Во тие игри нема ништо добро и корисно за телото и душата. Ништо што го зајакнува умот, ништо што би дало полезни мисли за иднината. Тука се водат ништожни и понижувачки разговори… Вештината во ракувањето со карти наскоро ќе создаде желба ова знаење и способност да се употребат за некоја лична корист. Најпрво се игра за мали суми, потоа за поголеми, додека не се создаде жед за коцкање, која води во сигурна пропаст. Колку ова погубно уживање одвело во секоја грешна постапка, во сиромаштија, во затвор, во убиства и на бесилки! Но, сепак, многу родители не ја гледаат ужасната бездна на пропаст која ги чека нашите млади. {АД 517.2}

Страв да не бидеме необични. – Таканаречените христијани кои се површни во карактерот и во верското искуство често се во рацете не искушувачите како мамка за другите. Овој вид на христијани секогаш е готов да се собере за разонода или спорт и нивното влијание ги привлекува другите. Тие ги убедуваат младите мажи и жени, кои се обиделе да бидат библиски христијани да се приклучат на вакви седенки и така ги вовлекуваат во својот круг. Тие претходно не размислувале со молитва за божествените начела за да знаат што рекол Христос за плодовите што ги донесува христијанското дрво. Тие не се во состојба да сфатат дека таквите забави всушност се сатанска гозба подготвена да ги спречи душите да ја примат поканата за вечера на свадбата на Јагнето и да ги прифатат белите облеки на карактерот кои ја претставуваат Христовата правда. Таквите стануваат збунети и не знаат што како христијани треба да прават. Тие не сакаат да бидат необични и по природа се склони да го следат примерот на другите. Така потпаѓаат под влијание на оние кои никогаш, во срцето или во умот, не го почувствувале божествениот допир. {АД 518.1}

Чувај се од првиот чекор. – Можеби не ја гледате вистинската опасност кога го правите првиот чекор кој води во лесномисленост и барање задоволства и мислите дека во моментот кога ќе посакате да го смените својот пат ќе бидете во состојба да го правите она што е добро и дека е толку лесно како пред да му попуштиш на злото. Тоа е заблуда. Со избор на лошо друштво, многумина чекор по чекор се оттргнале од патот на вредности во длабочината на непослушност и разврат, а мислеле на почетокот дека ќе биде невозможно да потонат. {АД 519.1}

Објавете ги христијанските начела. – Ако навистина му припаѓате на Христа, ќе имате можност да сведочите за Него. Ќе ве повика да ги посетите местата за забава и тогаш ќе ви се пружи можност да посведочите за својот Господ. Ако сте му верни на Христа, нема да се обидувате да пронаоѓате изговори што не можете да дојдете туку јасно и скромно ќе објавите дека сте Божјо дете и дека вашите начела не ви дозволуваат да бидете на тоа место, ниту еден единствен пат, на кое не можете да го повикате својот Господ. {АД 519.2}

Божја намера е преку Својот народ да ги открие начелата на Своето царство. За да можете да ги откриете овие начела во животот и карактерот, Тој сака да ги одвои од световните обичаи, навики и постапки… {АД 519.3}

Пред нас се откриваат славните сцени; во ова време животот на Божјиот народ треба да го објави живото сведоштво за да може светот да види дека и во ова време кога злото владее насекаде, постои народ кој се одрекол од својата волја и бара да ја исполнува Божјата волја, народот во чие срце и живот е испишан Божјиот закон. {АД 519.4}

Бог очекува да Го претстават оние кои го носат Христовото име. Нивните мисли мораат да бидат чисти, нивните зборови благородни и охрабрувачки. Христовата религија мора да биде вткаена во сѐ што тие прават и велат… Бог сака Неговиот народ со својот живот да му покаже предност на христијанството над световноста, да покаже дека постапува според возвишените, свети начела. {АД 519.5}