Примамливоста на уживањето
Адвентен дом
Одмор кој нуди трајно задоволство
Телесното срце тежнее кон уживање. – Телесниот ум е склон кон уживање и кон телесно задоволство. Сатаната има план да ги создаде во изобилие. Тој настојува човечките умови да ги исполни со желба за световни уживања, така што немаат време да се запрашаат: Што ќе биде со мојата душа? Љубовта кон уживањето е заразна. Кога ќе и се препушти, умот е преокупиран час со едно, час со друго, постојано барајќи некаква разонода. {АД 521.1}
Световните уживања заслепуваат; за моментално уживање многумина го жртвуваат пријателството со небото, неговиот мир, љубов и радост. Меѓутоа овие одбрани предмети на уживање набрзо стануваат одвратни, бидејќи не задоволуваат. {АД 521.2}
Милиони се затекнуваат на местото за разонода. – Во наше време можеме да ја забележиме големата страст за уживање. Секаде преовладуваат разузданоста и безобзирното расфрлање. Мноштвото тежнее кон разонода. Умот станува невнимателен и себичен, затоа што не е навикнат на размислување или внимателно проучување. Преовладува празната чувствителност. Бог сака секое суштество да биде негувано, ускладено, подигнато и облагородено. Меѓутоа, често се запоставува секое вредно остварување поради помодарското расфрлање и површното задоволство. {АД 521.3}
Возбудливата забава во нашето време ги држи умовите на мажите и на жените, а особено на младите, во грозничаво возбудување, така што тоа ја погодува нивната животност повеќе отколку сето нивно учење и физичка работа и има за цел да го стопира развојот на умот и да го расипе моралот. {АД 521.4}
Струјата на помодарството ги окупира младите. Оние кои ќе научат да ги сакаат разонодите, ќе ја отворат вратата на поплавата од искушенија. Тие се предаваат на веселото друштво и на неразумната радост. Влегуваат во различни облици на разузданост, додека не ја изгубат и желбата и способноста да бидат корисни во животот. Нивните верски тежнеења се умртвени, а нивниот духовен живот замрачен. Сите благородни способности на душата, сѐ што го поврзува човекот со духовниот свет е изопачено. {АД 522.1}
Верници помеѓу почитувачите на уживањето. – Многумина уживаат земајќи удел во световните, обесхрабрувачки забави, кои Бог ги забранува. На тој начин тие ја раскинуваат својата врска со Бога и се вбројуваат во редовите на оние кои ги сакаат световните уживања. Гревовите кои ги уништиле претпотопните жители и градови во рамнината постојат и денес не само во многубожечките земји, не само меѓу лажните христијани, туку и меѓу некои кои тврдат дека го очекуваат доаѓањето на Синот човечки. Кога Бог би ви ги открил овие гревови, онака како што Тој ги гледа, вие би се засрамиле и исплашиле. {АД 522.2}
Желбата за возбуда и лажната разонода е искушение и замка за Божјиот народ, особено за младите. Сатаната постојано бара причини со кои ќе го одврати умот од свечените подготовки за сцени кои се непосредно пред нас. Со посредство на световните луѓе, тој одржува возбудлива атмосфера за да може невнимателните да ги наведе да се предадат на световни уживања. Тука се забавите, предавањата и разновидните уживања кои се насочени така што предизвикуваат љубов кон светот; а со оваа врска со светот верата слабее. {АД 522.3}
Сатаната е способен заводник. – Младите обично се однесуваат како скапоцените моменти на проба, додека сѐ уште постои милост, да се голем празник и дека можат да уживаат во постојаното возбудување. Сатаната вложувал посебни напори водејќи ги да бараат среќа во световните уживања и себе си да се оправдуваат прикажувајќи ги наивни, нештетни и дури полезни за здравјето. {АД 523.1}
Тој (сатаната) го покажува тежок патот на светоста, додека патиштата на световното задоволство се посипани со цвеќе. Со лажни и привлечни бои го прикажува светот и неговите задоволства пред очите на младите. Меѓутоа, на земните задоволства наскоро ќе им дојде крај; она што се сеело, мора да се пожнее. {АД 523.2}
Сатаната е во вистинска смисла на зборот измамник, вешт заводник. Тој направил многу префинето исткаени мрежи, кои изгледаат наивно, но се вешто подготвени да ги фатат младите и невнимателните. {АД 523.3}
Љубовта кон забавите го спречува напредокот. – Родителите прават грешка што своите деца многу рано ги воведуваат во општеството затоа што се плашат дека децата нема нешто да им знаат ако не присуствуваат на седенки и не се дружат со оние кои сакаат забава. Уште кога децата тргнуваат на училиште, тие им дозволуваат да присуствуваат на седенки и да учествуваат во општествениот живот. Тоа е голема грешка. На овој начин децата го запознаваат злото многу побрзо отколку своите училишни предмети, затоа што така нивниот ум се исполнува со она што е бесполезно, додека страста кон забавата се развива во толкава мера, што повеќе не се способни да ги совладаат и наједноставните образовни предмети. Нивното внимание е поделено помеѓу учењето и љубовта кон забавите. Колку се зголемува љубовта кон забавите, толку се успорува нивниот умствен развој. {АД 523.4}
Како и стариот Израел, љубителите на забавата јадат, пијат и стануваат да играат. Сето тоа е проследено со веселби, пијанчење и возбуда. Во сето ова младите одат по примерот на писателот на книгата од кој учат. Најголемото зло во сето тоа е влијанието кое трајно останува во карактерот. {АД 524.1}
Рамнодушноста кон последната Божја вест. – Како што се приближувал крајот на времето на проба, жителите на претпотопниот свет се препуштиле на возбудливи забави и празнувања. Оние кои располагале со влијание и сила, настојувале да го окупираат умот на луѓето со веселба и уживање, за да може свечената вест која им била упатена да остане без дејство. Зар не гледаме дека тоа се повторува и во наше време? Додека Божјите слуги ја објавуваат веста дека е блиску крајот на гревот, светот е окупиран со забави и со барање на задоволство. Постојаното возбудување предизвикува рамнодушност кон Бога и им оневозможува на луѓето да дојдат под влијание на вистината која единствено може да ги спаси од пропаста која доаѓа. {АД 524.2}
Почитувачите на саботата ќе бидат искушани и испитани. – Младите почитувачи на саботата кои потклекнале под влијание на световноста, ќе бидат испитани и искушани. Опасноста на последните денови е веќе пред нас, а пред младите е пробата која многумина не ја очекувале. Таквите ќе дојдат во голема неволја и искреноста на нивната вера ќе биде искушана. Тие тврдат дека го очекуваат доаѓањето на Синот човечки, но некои од нив биле жалостен пример за неверните. Таквите не биле желни да го остават светот туку се соединиле со него, излегувајќи на излет и на други забави, уверувајќи се себе си дека учествуваат во наивни разоноди. Но токму ова ги одвојува од Бога и ги прави деца на овој свет… {АД 524.3}
Бог не ги признава за Свои следбеници љубителите на забавите. Вистинските Исусови следбеници се само оние кои се одрекуваат од себе и живеат живот на трезвеност, понизност и светост. Таквите не можат да уживаат во лесномислени и празни разговори со оној кој го сака светот. {АД 525.1}
Судбоносно размислување. – Немојте да верувате дека забавите се неопходни и дека лесно можеме да го запоставиме Светиот дух во моментите на световно задоволство. Бог не дава да се навредува. Секој млад човек, секоја млада жена нека размислат:
„Дали денес сум подготвена да му дојде крајот на мојот живот? Дали моето срце е подготвено и оспособено за делото кое ми го доверил Господ?“ {АД 525.2}

