Што да си играме?

Адвентен дом

Семејството како евангелско јадро

Грешното заменете го со наивното. – Од младите не можете да очекувате да бидат мирни и сериозни како постарата генерација ниту детето може да биде воздржано како некој смирен господин. Бидејќи сме се откажале од грешните задоволства, како што и треба да биде, родителите, учителите и воспитувачите нека се погрижат за невините задоволства кои нема да остават трага на моралот. Не ги врзувајте младите со строги правила и ограничувања поради кои ќе се чувствуваат угнетувани и ќе тргнат по пат кој води кон лудост и пропаст. Со цврста, љубезна и внимателна рака држете ги уздите на управување, водејќи и надгледувајќи го нивниот ум и целите во исто време така благо, така мудро, така љубезно, што тие ќе дознаат дека го имате во обѕир нивното најголемо добро. {АД 498.1}

Постојат забави како што се танц, играње карти, шах, коцка и слично кои не можеме да ги одобриме затоа што небото ги осудува. Овие забави ја отвораат вратата на големото зло. Според својата природа тие не се корисни, затоа што возбудуваат и кај некои предизвикуваат страсна желба за игри кои водат кон коцкање и расфрлање. Христијаните мораат да ги осудат сите вакви игри и да ги заменат со нешто што е целосно наивно. {АД 498.2}

Настојувајќи своите деца да ги сочуваме од световните задоволства кои расипуваат и заведуваат, мораме да им овозможиме наивна разонода и да ги поведеме по патиштата на кои нема опасности. Ниту едно Божје дете не треба да доживее тажно искуство. Божјите заповеди и Божјите ветувања го потврдуваат тоа. Патиштата на мудроста се: „мили патишта и сите нејзини патеки се мирни”. {АД 498.3}

Избегнувајќи го она што е лажно и вештачко: коњските трки, играње карти, лотарија, борачки спортови, употреба на алкохол и цигари, ние мораме да ги осигураме изворите на разонода кои чистат, облагородуваат и подигаат. {АД 499.1}

Гимнастичките сали како корисни места. – Гимнастичките вежби заземаат корисно место во многу училишта; но кога нема внимателен надзор, во тоа често се претерува. Во гимнастичките сали многу момчиња, убедувајќи се да ја покажат својата сила, се здобиле со повреди од кои ќе трпат цел живот. {АД 499.2}

Вежбањето во гимнастичките сали, колку и да е добро организирано, не може да ја надополни рекреацијата на свеж воздух, а за таква рекреација нашите училишта би морале да создадат подобри можности. {АД 499.3}

Игри со топка. – Не ги осудувам едноставните игри со топка, иако дури и во тоа може да се претера. {АД 499.4}

Секогаш се вознемирувам пред речиси сигурните последици од такви забави. Тие водат кон трошење на средства со чија помош може да се донесе светлината на вистината на душите кои пропаѓаат без Христа. Забавите и трошењето на пари за лично задоволство, чекор по чекор, водат кон самовозвишување, а прифаќањето на овие игри за разонода создава љубов и страст кои не се погодни за усовршување на христијанскиот карактер. {АД 499.5}

Начинот на изведувањето на игрите во некои наши училишта немаат небесен печат. Таквиот начин не го јакне умот. Не го чисти и не го облагородува карактерот. Од таквите игри произлегуваат навики, обичаи и световни постапки, а учесниците стануваат толку окупирани и занесени, што небото ги прогласува за такви кои повеќе ги сакаат задоволствата отколку Бога. Со учество во таквите игри, наместо да го зајакнат умот, учениците да станат подобри ученици, поспособни како христијани да ја извршуваат христијанската должност, тие го полнат нивниот мозок со мисли кои го одвраќаат умот од она што тие го учат… {АД 499.6}

Дали во тие игри ја имаме на ум Божјата слава? Знам дека не е така. Божјиот пат и неговата цел се губат од видот. Интересот на разумните суштества во времето на пробата ја заменува Божјата откриена волја со човечко размислување и измислици, кои Сатаната ги вдахнува со својот дух… Господ, небесниот Бог, не ја одобрува страственоста која ги пронижува оние кои во тие игри се борат за натпревар. {АД 500.1}

Проблемот од многу спортови. – На учениците им е неопходно енергично вежбање. Има малку зла од кои треба повеќе да се плашиме од тромавоста и бесцелноста. Но, тенденцијата на повеќето атлетски спортови ги загрижува оние на кои на срцето им лежи доброто на младите. Учителите се загрижени кога го разгледуваат влијанието на тие спортови и на напредокот на ученикот во училиштата и на неговиот успех во подоцнежниот живот. Игрите на кои ученикот им посветува толку голем дел од своето време, го одвраќаат неговото внимание од учење, тие не му помагаат да се подготви за практична, сериозна работа во животот. Нивното влијание не ја развива ускладеноста, широкоградоста или вистинската мажественост. {АД 500.2}

Некои од најомилените забави, како што се американскиот фудбал и бокс, станале училиште на суровоста. Тие игри ги развиваат истите особини како и игрите во стариот Рим. Желбата за истакнување, уживање во груба сила, безобѕирно презирање на животот, страшно разорно влијае на младите. {АД 500.3}

Другите атлетски игри, иако не наведуваат на толку голема суровост, заслужуваат речиси исти забелешки поради претераноста до која се доведени. Тие ја поттикнуваат љубовта кон уживање и возбудување, развивајќи одвратност кон полезната работа и склоноста кон избегнување на практични должности и одговорности. Тие тежнеат да ја уништат склоноста кон трезвените реалности на животот и неговите смирени задоволства. Така се отвора вратата на лесномисленоста и разузданоста со нивните страшни последици. {АД 500.4}

Кога животот би бил помалку сложен. – Во старите времиња, за луѓето кои биле под Божје водство, животот бил едноставен. Тие живееле тесно поврзани со природата. Нивните деца учествувале во работата на родителите и ги проучувале убавините и тајните на ризницата на природата. Во тишината на полињата и шумите размислувале за оние величествени вистини кои како свет залог се предавале од генерација на генерација. Таквото воспитување создавало силни луѓе. {АД 501.1}

Во нашето време, животот станал извештачен, а луѓето се дегенерирале. Иако можеби не можеме потполно да се вратиме на едноставните навики од тие стари времиња, можеме од нив да извлечеме поуки кои нашите моменти на рекреација ќе ги направат она што значи нејзиното име моменти на вистинско изградување на телото, умот и на душата. {АД 501.2}

Семејни излети. – Повеќе семејства кои живеат во градот или во населби, нека ги остават своите работи кои телесно и умствено ги окупирале и нека одат во природа на брег, на некое езеро или во шума, каде што е убава природата. Нека понесат едноставна, здрава храна, најдобро овошје и житарици и во сенката на некое дрво или под небесниот шатор нека постават маса. Возењето, движењето и природата ќе го зајакне апетитот и тие ќе можат да уживаат во гозбата на која и царевите можат да им позавидат. {АД 501.3}

Во такви ситуации и родителите и децата треба да бидат слободни од грижи, работа и товар. Родителите треба да станат деца со своите деца, правејќи сѐ што можат за да ги израдуваат. Цел ден нека биде посветен на одмор. За оние кои работат во затворени простории или седејќи, движењето на чист воздух ќе биде корисно за здравјето. Секој кој може треба да го смета овој совет за должност. Ништо нема да се изгуби, но многу ќе се добие. Тие можат да се вратат на своите обврски со нов живот и нова храброст и ревно да се посветат на својата работа; таквите ќе бидат подготвени да и се спротивстават на болеста. {АД 502.1}

Да се најде среќа во убавината на природата. – Не мислете дека Бог сака да се откажеме од сето она што придонесува за нашата среќа. Тој бара да се откажеме само од она што не е за наше добро и среќа. {АД 502.2}

Бог кој ги насадил благородните дрвја и обилно ги облекол со лисја, кој ни ги дал живите и убави бои на цвеќињата и чие складно и убаво дело може да се види во целата природа, не сака да нѐ направи несреќни; Тој нас не нѐ создал без вкус и смисла да уживаме во ова. Негова цел е да уживаме но нив. Негова цел е да бидеме среќни во природата која Тој ја создал. {АД 502.3}

Полезни друштвени состаноци. – Друштвените состаноци се од најголема корист кога во срцата на оние кои се состануваат гори Божјата љубов, кога се сретнуваат за да разменат мисли за Божјата реч или да го разгледаат начинот за унапредување на Неговото дело и да прават добро на своите ближни. Кога на овие состаноци Светиот Дух е посакуван гостин, Бог се слави, а оние кои се состанале, стануваат освежени и зајакнати. {АД 502.4}

Своите состаноци треба да ги водиме и на нив да се однесуваме така што кога ќе се вратиме дома, совеста ќе ни биде мирна и пред Бога и пред луѓето, затоа што не сме повредиле никого од оние со кои сме се дружеле, ниту на нив сме влијаеле погубно. {АД 503.1}

Исус и сакал сликите на среќа. – Исус го укорувал секое попуштање на себе си. Според својата природа бил друштвен. Го прифатил гостопримството на сите општествени слоеви, посетувајќи ги домовите и на богатите и на сиромашните, на учените и на неуките, настојувајќи да ги подигне нивните мисли од животното секојдневие на она што е духовно и вечно. Тој не ја одобрувал разузданоста, во Неговото однесување немало световна лесномисленост, но наоѓал задоволство во сликите на наивната среќа, а со Своето присуство се посветил на овој друштвен собир. Еврејската свадба била значајно случување и нејзината радост не била непријатна за Синот човечки… За Исус радоста на свадбената свеченост укажувала на радоста на оној ден кога Тој ќе ја доведе Својата невеста во Татковиот дом и кога спасените ќе седнат со Спасителот на вечерата на свадбата на Јагнето. {АД 503.2}

Неговиот пример во говорот и однесувањето. – Кога во текот на Својата работа бил повикан на ручек или гозба кај фарисеите или цариниците, Тој го прифаќал повикот… Во таквите прилики Христос управувал со разговорот на масата и дал многу скапоцени поуки. Присутните Го слушале, затоа што Тој не само што ги лекувал нивните болни, ги тешел нивните таги, ги земал во прегратки нивните деца и ги благословувал. Цариниците и грешниците ги привлекувал кон себе, и кога би ја отворил устата, тие Му го подарувале своето внимание. {АД 503.3}

Христос ги поучил Своите ученици како да се однесуваат во друштво на оние кои не биле религиозни и на оние кои тоа биле. Со свој пример им покажал дека кога присуствуваат на јавен собир не мора да настојуваат да кажат нешто. Неговиот начин на говор целосно се разликувал од она што можело да се слушне на такви свечености во минатото. Секој негов збор упатен кон слушателите бил животен мирис за живот, а тие напрегнато слушале со желба да го чујат Неговиот совет. {АД 504.1}

Елена Вајт и друштвените состаноци. – По моето долго патување на исток стигнав дома за да ја поминам новогодишната вечер во Хилдсбург. Училишниот двор беше подготвен за саботното училиште. Венци од чемпреси, есенски лисја, зимзелени гранки и цвеќе беа наместени со вкус, а над влезната врата висеше огромно ѕвоно од зимзелени гранки. Дрвото беше преполно со дарови наменети за сиромасите и за купување на ѕвона… Во таа прилика ништо не беше кажано или направено што би можело да оптовари нечија совест. {АД 504.2}

Некои ми рекоа: „Сестро Вајт, што мислиш за тоа? Дали тоа е во склад со нашата вера?“ Јас им одговорив: „Тоа е во склад со мојата вера!“ {АД 504.3}

Доведете ги младите кај Исус. – Бог сака секој дом и секоја месна црква да ги одвојат децата од лажливите световни задоволства и од друштвото на оние чие влијание би ги расипало. Размислувајте како да ги придобиете младите за Исус. {АД 504.4}