Силно христијанско сведоштво

Адвентен дом

Силно христијанско сведоштво

Најдобрите проповедници потекнуваат од христијански домови. – Проповедниците за работа најдобро се подготвуваат во христијанскиот дом во кој се почитува Бог, во кој се сака Бог, во кој Бог се слави, во кој верноста станува втора човекова природа, во кој не се дозволени невнимателноста и несмасноста кон домашните должности и во кој тивката заедница со Бога се смета значајна за верно извршување на секојдневните должности. {АД 35.1}

Домашните должности треба да се извршат со сознанието дека ако ги извршиме во вистинското време ќе нѐ оспособат да работиме истрајно и темелно за Христа. Што сѐ може да направи еден вистински христијанин во евангелската работа, со верно извршување на секојдневните должности, со радосно носење на крстот и совесно извршување на секоја работа не обрнувајќи внимание на своите чувства. {АД 35.2}

Уште во домот и семејството мора да започне нашата работа за Христа… Нема поважно мисионерско поле од ова место… {АД 35.3}

Мнозина безобѕирно го запоставиле ова место и време е да ги употребиме божествените средства кои ќе ја изменат таа лоша состојба. {АД 35.4}

Највисоката должност која ѝ припаѓа на младината се состои во тоа во својот дом со љубов и вистинска грижа да бидат на благослов на таткото и на мајката, браќата и сестрите. Тука тие можат да покажат самоодрекување и самопрекор во работата и во грижата за другите… Какво влијание може да има сестрата на своите браќа! Ако живее правилен живот таа може да го обликува карактерот на своите браќа. Нејзините молитви, нејзината нежност и нејзината љубов можат многу да направат за домот. {АД 35.5}

Оние кои го примиле Христа, треба да покажат во својот дом што Неговата милост направила за нив. „А на оние кои го примија им даде власт, да бидат синови Божји, оние кои веруваат во Неговото име“. (Јован 1:12) Христовиот авторитет кој го пронижува искрениот верник, се чувствува во целиот дом. Тоа ќе придонесе за усовршување на карактерот на сите членови во домот. {АД 36.1}

Доказ кој не може да се сруши. – Единствениот христијански дом е силен доказ за реалноста на христијанската религија доказ кој никој не може да го сруши. Сите можат да видат дека на децата во тоа семејство дејствува влијанието на Авраамовиот Бог и дека Тој е со нив. Кога домовите на оние коишто велат дека се христијани би имале вистински верски карактер, тие би вршеле силно и благотворно влијание на добро. Тие навистина би биле „светлина за светот“. {АД 36.2}

Децата треба да ги пренесуваат библиските начела. – Правилно воспитаните деца кои сакаат да бидат полезни, да помагаат на таткото и мајката, ќе го пренесат своето познавање од вистинските библиски начела на сите оние со кои се дружат. {АД 36.3}

Кога нашите домови би биле она што треба да бидат, на нашите деца не би им било дозволено да пораснат во мрзеливост и рамнодушност кон Божјите барања во однос на сите оние на кои им била потребна помош. Тие како Господово наследство ќе бидат оспособени да преземат работа таму каде што се наоѓаат. Од таквите домови ќе сјае светлина која ќе ги осветли неупатените, водејќи ги кон изворот на секое знаење. Од нив ќе зрачи сила која ќе ги привлекува луѓето кон Бога и Неговата вистина. {АД 36.4}

На оние родители на кои не можеме да им се приближиме на било кој друг начин, често можеме да им се приближиме преку нивните деца. {АД 36.5}

Радосното семејство – светлина за ближните. – Нам ни се потребни повеќе радосни родители и повеќе радосни христијани. Ние сме премногу затворени во себе. Често и на своите деца им го ускратуваме љубезниот и охрабрувачки збор, топлата насмевка, а така се однесуваме и кон нерасположените и обесхрабрените. {АД 37.1}

Родители, вие сте задолжени да светлите и да бидете извор на светлина! Светете како светлината. Во својот дом бидете светлина која ќе го осветлува патот по кој вашите деца треба да чекорат. Ако правите така, вашата светлина ќе ги осветли и оние коишто не се во вашиот дом. {АД 37.2}

Од секој христијански дом треба да зрачи света светлина. Љубовта треба да се покаже со дела. Таа треба да живее во сите семејни односи, откривајкќи се во грижливата љубезност и нежната, несебична учтивост. Има домови во кои овие начела се спроведуваат домови во кои Бог се почитува и во кој владее вистинска љубов. Од тие домови наутро и навечер се подигаат молитви кон Бога како мил мирис. Неговата милост и благослови се спуштаат на молителите како утринска роса. {АД 37.3}

Одраз на семејното единство. – Исполнувањето на единството е најважната задача на христијаните во еден дом. Таа работа треба да се прошири и на соседите кои живеат околу нив. Оние коишто ја примиле светлината треба да ѝ дозволат да свети со јасни зраци. Нивните зборови, пронижани со Христовата љубов, треба да бидат животен мирис за живот. {АД 37.4}

Колку членовите на семејството се поцврсти и посоединети во својата работа и во својот дом, толку повозвишено и покорисно ќе биде влијанието кое таткото и мајката, синовите и ќерките ќе ги вршат на ближните околу себе. {АД 37.5}

Потребни се добри луѓе. – Среќата на семејството и на црквата зависи од влијанието во домот. Вечното добро зависи од совесното извршување на должностите во овој живот. На светот не му се толку потребни големите умови колку што му се потребни добри луѓе, кои ќе бидат благослов во својот дом. {АД 37.6}

Грешки коишто можат да ја затворат вратата. – Кога религијата се остварува во домот, нејзиното влијание ќе се почувствува во црквата и во соседството. Меѓутоа, некои кои велат дека се христијани, разговараат со своите соседи за тешкотиите во својот дом. Тие зборуваат за своите тешкотии со цел да предизвикаат сожалување. Голема грешка е кога своите неволји им ги изнесуваме на другите, особено кога се произлезени како последица на неверување и недостаток во карактерот. Тие кои така невнимателно продолжуваат да ги изнесуваат своите лични неволји на другите, би требало да останат дома и да се молат, да ја предадат својата грешна природа на Бога, да паднат на Каменот и на него да се искршат, да умрат за своето јас, за да може Исус од нив да направи посветени садови. {АД 38.1}

Недостатокот од учтивост, моментите на раздразливост, грубите и невнимателни зборови, ќе го оштетат нашиот углед и ќе ја затворат вратата на човечкото срце, така што повеќе никогаш нема да можете да допрете до него. {АД 38.2}

Силната светлина на христијанскиот дом. – Напорите да го направиме домот она што би требало да биде предзнак за небесниот дом нѐ подготвува за работата на пошироко подрачје. Воспитанието кое сме го добиле за да покажеме нежно внимание во меѓусебните односи, ќе нѐ оспособи да допреме до срцата коишто треба да ги поучиме за начелата на вистинската религија. На црквата ѝ е потребна духовна сила, со која ќе ги сочува сите, а особено помладите членови од Господовото семејство. Вистината која практично се спроведува во домот, ќе се одрази во несебичната работа надвор од него. Оној кој живее христијански живот во својот дом, ќе биде дневна светлина на секое место. {АД 38.3}

Трет дел

ИЗБОР НА ЖИВОТЕН СОПАТНИК