Значајна одлука
Адвентен дом
Значајна одлука
Среќен или несреќен брак. – Ако оние кои размислуваат за бракот, не сакаат да се покајат по склопувањето на бракот, уште сега мораат сериозно и трезвено да размислуваат за него. Кога ќе се склопи неразумно, овој чекор најсигурно го оневозможува идното корисно дејствување на младите луѓе. Животот во таков брак станува товар и проклетство. Никој не може така да ја упропасти среќата на жената и добивката и да го направи нејзиниот живот страшен товар, како нејзиниот сопруг; и никој не може да направи ни стоти дел во рушењето на надежта и желбите на еден човек, да ја парализира неговата сила и да го упропасти неговото влијание и иднина, како неговата сопруга. Многу мажи и жени можат од моментот на својата венчавка да одредат време за својот успех или неуспех во овој живот, како надеж за идниот живот. {АД 43.1}
Би сакала младите да ја видат и почувствуваат опасноста, особено опасноста која им се заканува при создавањето на несреќните бракови. {АД 43.2}
Бракот неминовно ќе влијае на вашиот сегашен и иден живот. Искрените христијани нема да ги исполнуваат своите планови во овој правец, ако не се сигурни дека Бог одобрува таков чекор. Тие сами нема да сакаат да направат избор, туку ќе сакаат тоа Бог да го направи. Ние не можеме себеси да си угодуваме затоа што ни Христос не си угодувал себеси. Според тоа не мислам да кажам дека треба да се венчате со личност која не ја сакате. Тоа би било грев. Меѓутоа не смееме да и дозволиме на фантазијата и на чувствата да нѐ одведат во пропаст. Бог го бара целото срце, нашите најчисти чувства. {АД 43.3}
Не брзајте. – Малкумина се оние кои правилно гледаат на бракот. Изгледа дека мнозина мислат дека бракот е врв на блаженството; кога тие би познавале само четвртина од неволјите на мажите и жените кои со брачен завет се врзани како со синџири кои не можат ниту се осмелуваат да ги раскинат, не би се чуделе на ова што го зборувам. Во најголем број случаи, бракот е болен јарем. Постојат илјадници од оние кои се врзале, но не се еден за друг. Небесните книги се преполни со маки, зло и злоупотреба кои вешто се кријат под плаштот на бракот. Поради тоа сакам да ги предупредам младите кои стасале за брак да не брзаат со изборот на својот брачен партнер. Патот до брачната заедница може да изгледа убав и полн со среќа; но зошто и вие да се разочарате, како илјадници други пред вас? {АД 44.1}
Оние кои имаат намера да стапат во брак, треба да размислуваат за карактерот и влијанието на домот кој го основаат. Кога таквите ќе станат родители, тие ги прифаќаат светите обврски. Од нив во голема мера ќе зависи доброто на нивните деца во овој свет и среќата во светот којшто доаѓа. Тие во голема мера им даваат морален и телесен печат на своите деца. Од карактерот на домот зависи и состојбата на општеството. Влијанието на секое семејство ќе се покаже позитивно или негативно. {АД 44.2}
Судбоносен избор. – Младите христијани треба да обратат големо внимание при склопувањето на пријателствата и изборот на пријатели. Внимавајте она што сега ви изгледа како чисто злато да не се претвори во обичен метал. Световните пријатели се склони да ја попречуваат вашата служба на Бога, а многу души пропаднале поради несреќните врски, работни или брачни, со оние кои никогаш не можат да се подигнат или облагородат. {АД 44.3}
Испитајте го секое чувство и следете го развојот на карактерот на личноста со која мислите да ја поделите својата животна судбина. Чекорот којшто сакате да го направите е многу важен во Вашиот живот, и затоа не треба да брзате. Ако сакате, не сакајте слепо. {АД 45.1}
Внимателно испитајте дали вашиот брачен живот ќе биде среќен или нескладен и несреќен. Запрашајте се: Дали оваа врска ќе ми помогне да се приближам до небото? Дали ќе ја зголеми мојата љубов кон Бога? Дали ќе ме направи покорисен во овој живот? Ако на овие прашања можеш потврдно да одговориш, тогаш во Божји страв тргни напред. {АД 45.2}
Повеќето мажи и жени склопувале брак така што било важно да се одговори само на едно прашање: дали се сакаме? Меѓутоа тие треба да сфатат дека во брачната заедница има поголеми одговорности од овие. Тие мораат да размислат дали нивното потомство ќе располага со здравје и умствена и морална сила. За жал, малкумина се оние коишто дозволиле да ги поведат благородните побуди и возвишените цели, коишто не можеле лесно да ги отфрлат одговорноста кон општеството и позитивното и негативното влијание на своите семејства. {АД 45.3}
Со изборот на животниот партнер треба да се осигуриш за телесното, умственото и духовното здравје, како на родителите така и на нивните деца, затоа што така и едните и другите ќе станат благослов на своите ближни и чест за својот Создател. {АД 45.4}
Особини на идната сопруга. – Момчето за животен сопатник треба да бира девојка, која е подготвена да го понесе својот дел од животниот товар, девојка чиешто влијание ќе го облагороди и подигне, и која со својата љубов ќе го направи среќен. {АД 45.5}
„Од Господа е разумната жена”. „На неа се потпира срцето на нејзиниот маж… му прави добро, а не зло, во целиот свој живот”. „Својата уста ја отвора мудро и на јазикот и е науката блажена. Внимава на однесувањето на своите чеда, и лебот во мрзеливост не го јаде. Синовите нејзини се подигнуваат и ја благословуваат; мажот нејзин исто така ја фали“, зборувајќи: „Многу жени биле вредни; но ти ги надминуваш сите. Оној кој добил таква жена, нашол добро и добил љубов од Господа”. {АД 46.1}
Пред нас е она за што треба да размислуваме: Дали онаа којашто ја земаш ќе ти донесе среќа во твојот дом? Дали разумно располага со парите или штом ќе се венчате, ќе го потроши не само она што ќе го заработи туку и целиот твој приход ќе го даде за да ги задоволи своите хирови, со желба убаво да изгледа? Дали нејзините мислења за ова се беспрекорни? Дали располага сега со нешто на што можеш да се потпреш? Знам дека слепо заљубеното момче ваквите прашања ќе ги отфрли како неважни. Меѓутоа, нив треба сериозно да ги разгледаш, затоа што тие сигурно ќе влијаат на твојот иден живот… {АД 46.2}
При изборот на сопруга проучувај го нејзиниот карактер. Дали таа ќе биде таа која ќе се одликува со трпение и совесност? Или ќе престане да се грижи за твоите мајка и татко токму тогаш кога им е потребен силен син како поткрепа? Или во спротивно ќе настојува да те одвои од нивното друштво за да ги исполни своите планови и да си ги задоволи своите желби, напуштајќи ги таткото и мајката кои наместо да добијат посветена ќерка, го губат и синот. {АД 46.3}
Особини на идниот сопруг. – Пред да се согласи да се омажи, секоја девојка би требало да се распраша дали е чесен оној со кој таа сака да го поврзе својот живот. Какво е неговото минато? Дали неговиот живот е беспрекорен? Дали љубовта е таа која го изразува благородниот и возвишен карактер, или тоа е склоност, заснована само на чувства? Има ли тој карактерни особини кои ќе ја усреќат? Може ли таа да најде вистински мир и радост во неговата наклонетост? Дали ќе може да ја сочува својата личност или ќе мора своето расудување и совест да ги потчини на контролата на својот сопруг? Како Христов ученик таа не припаѓа на себе; таа е купена скапо. Дали барањата на Спасителот за неа ќе бидат најважни? Дали телото и душата, мислите и намерите, и понатаму ќе останат чисти и свети? Овие прашања имаат животно значење за доброто на секоја жена која стапува во брак. {АД 47.1}
Жената која сака мирна и среќна заедница, поштедена од идните понижувања и таги, нека се распраша, пред да се препушти на своите чувства: дали мојот сакан има мајка? Каков е нејзиниот карактер? Дали тој ги признава своите обврски кон неа? Дали обрнува внимание на нејзините желби и мисли за нејзината среќа? Ако не ја цени и почитува својата мајка, дали ќе ја почитува, сака, ќе биде внимателен и љубезен кон својата сопруга? Кога ќе застари бракот, дали и тогаш ќе ме сака? Дали ќе биде трпелив кон моите слабости, или заради нив ќе ми замери, ќе биде груб и непопустлив? Вистинската љубов ќе покрие многу слабости; љубовта нема да ги забележува. {АД 47.2}
Прифати ги само чистите особини. – Младата жена нека го прифати како животен пријател само оној кој се одликува со чист, мажествен, карактер, оној кој е грижлив, амбициозен и чесен, оној кој Го љуби Бога и се плаши од Него. {АД 47.3}
Избегнувај ги оние коишто не се побожни. Избегнувај го оној кој ја сака мрзеливоста; избегнувај го оној кој го исмејува сето она што е свето. Избегнувај го друштвото на оној кој се служи со непристоен јазик, или оној кој навикнал да се напие макар и една единствена чашка алкохол. Не прифаќај понуди од човек кој не е свесен за своите одговорности кон Бога. Чистата вистина која ја просветува душата, ќе ти помогне да се ослободиш и од најсаканиот пријател кој не го сака Бога ниту пак се плаши од Него, кој не ги познава начелата на Божјата правда. Ние секогаш можеме да ги поднесуваме слабостите и незнаењата на пријателите, но никогаш неговите пороци. {АД 47.4}
Грешката може полесно да се направи отколку да се поправи. – Набрзина и себично склопените бракови обично имаат лош крај и често се претвораат во трагично промашување. Двете страни се сметаат за измамени, и сега сѐ што претходно го направиле во заслепеност, би сакале да го поништат. Полесно е, многу е полесно да се направи грешка отколку да се поправи откако веќе ќе се направи. {АД 48.1}
Подобро е да се раскине неразумната веридба. – Дури и ако сте се вериле недоволно познавајќи го карактерот на личноста со која сте сакале да се соедините, немојте да мислите дека веридбата претставува обврска да го прифатите брачниот завет и да се врзете за цел живот со оној којшто не можете да го сакате и почитувате. Бидете внимателни и на самата веридба, затоа што е подобро, многу подобро, да се раскине веридбата пред венчавката, отколку подоцна да се разделат, како што тоа го прават мнозина. {АД 48.2}
Ти можеш да кажеш: „Но јас сум го дала својот збор и како сега да го повлечам?“ Јас одговарам: Ако си дала ветување кое е спротивно на Библијата, тогаш на секој начин без одложување повлечи го, во понизност пред Бога покај се заради заслепеноста која те навела така непромислено да се обврзуваш. Многу е подобро да го повлечеш таквото ветување, во Божји страв, отколку да го исполниш и со тоа да го осрамотиш својот Создател. {АД 48.3}
Секој чекор, кон брачната заедница треба да биде одбележан со скромност, едноставност, искреност, сериозна намера да се задоволи и прослави Бог. Бракот влијае на животот во овој свет и во оној кој ќе дојде. Искрениот христијанин нема да прави никакви планови коишто Бог не може да ги одобри. {АД 49.1}

