Долготрајно влијание на домот
Адвентен дом
Долготрајно влијание на домот
Христијанскиот дом како пример. – Службата во домот ги преминува нејзините граници. Христијанскиот дом треба да биде пример, кој ја покажува вредноста на вистинските животни начела. Таков пример силно ќе дејствува во прилог за доброто во светот… Кога младите ќе излезат од ваков дом, тие ги пренесуваат поуките кои ги стекнале во него. Поблагородните животни начела се пренесуваат во други домови и така позитивното влијание се шири во целото општество. {АД 31.1}
Домот во кој членовите се учтиви и љубезни христијани, исполнува долготрајно позитивно влијание. Другите семејства ќе ги забележат резултатите кои ги исполнува таквиот дом и со радост ќе појдат по неговиот пример и така своите домови ќе ги заштитат од сатанските влијанија. Божјите ангели често ќе го посетуваат домот во кој се почитува Божјата волја. Со дејството на Божјата милост, ваквиот дом станува место каде што уморните и изнемоштени патници ќе најдат освежување. Со будно стражарење, човечкото јас ќе биде оневозможено. Покрај тоа, ќе се изградат добри навики и ќе се признае правото на другите. Верата преку љубовта ја прави душата чиста, го држи животното сидро и управува со целиот дом. Под благотворното влијание на таквиот дом се шират, признаваат и слушаат начелата на заедништвото воспоставено со Божјите зборови. {АД 31.2}
Влијанието на усогласениот дом. – За едно семејство не е лесно да го претставува Исуса и да го држи Божјиот закон во средина во која се нема доверба во Бога. Ние сме повикани да бидеме живи пратеници, кои ги познаваат и читаат сите луѓе. Оваа положба се одликува со голема одговорност. {АД 31.3}
Единствено, дисциплинирано семејство сведочи посилно за христијанството отколку сите изговорени проповеди. Таквото семејство сведочи дека родителите успешно ги следеле Божјите упатства и дека нивните деца ќе служат на Бога во црквата. Нивното влијание расте, затоа што додека даваат, тие истовремено и примаат за да можат и понатаму да даваат. Таткото и мајката имаат добри помошници во своите деца, кои понатаму ги пренесуваат поуките кои ги примиле во својот дом. И соседите помеѓу кои живеат имаат корист, затоа што овој дом ги збогатил за овој живот и за оној кој ќе дојде. Така целото семејство Му служи на Господа, со својот побожен пример ги вдахновува другите да му бидат верни на Бога во својот однос кон Неговото стадо, Неговото прекрасно стадо. {АД 32.1}
Единственото семејство е најсилниот доказ којшто може да се даде на светот за силата на христијанството. Ништо како тоа не може да ја препорача вистината, затоа што таа е живо сведоштво за дејствувањето на нејзините практични сили во срцето на луѓето. {АД 32.2}
Најдобро мерило за вредностите на христијанството во животот на еден дом е природата на карактерот кој настанал под негово влијание. Делата зборуваат погласно и од најсилната објава на побожноста. {АД 32.3}
Нашата работа во овој свет… е да ги развиеме добрите страни во животот на нашите деца и членови на семејството, за да можеме да влијаеме на другите семејства. Така можеме да станеме воспитна сила, иако не располагаме со училишните клупи. Во Божјите очи единственото семејство е поскапоцено од чистото злато. {АД 32.4}
Нашите извонредни можности. – Нашето време е многу кратко. Само еднаш можеме да поминеме низ овој свет. Затоа животот треба да се искористи што подобро. Задачата што сме ја примиле не бара од нас богатство, престиж или големи способности. Тој од нас бара да покажеме дух на љубезност и самопожртвуваност како и истрајност во спроведувањето на одлуките. Светилката, иако мала, ако гори постојано може да запали многу други светилки. Нашето влијание може да биде ограничено, нашите способности мали, нашите предности малубројни, а стекнатото знаење недоволно, но сепак прекрасни се можностите кои можеме да ги исполниме со верно користење на своите можности во својот дом. Ако ги отвориме своите срца и домовите за божествените начела на животот, ќе станеме носители на животната сила. Од нашиот дом ќе потечат реки на исцелување кои ќе донесат живот, убавина и изобилство таму каде што сега владее сиромаштијата и оскудноста. {АД 32.5}
Побожните родители ќе зрачат од својот дом со спасоносно влијание кое на домовите на другите ќе дејствува како квасец во три мери брашно. {АД 33.1}
Верно извршената работа во домот ги поттикнува другите да го извршат истиот вид на работа. Духот на верноста кон Бога е сличен на квасецот и кога ќе се покаже во црквата, ќе влијае на другите и така ќе стане најдобра препорака во прилог на христијанството. Работата на верните Христовите следбеници ќе допре до самата вечност. Зошто тогаш се забележува недостаток на евангелски дух во нашите цркви? Тоа е поради тоа што се запоставува духот на побожноста во домот. {АД 33.2}
Влијанието на нехармоничното семејство. – Влијанието на нехармоничното семејство е долготрајно и кобно за целото човечко општество. Тоа се престорува во плима на злото којашто штетно дејствува на семејството и општеството во целост. {АД 33.3}
Никој од нас не може да живее така, а да не влијае на светот околу себе. Ниту еден член од семејството, не може да се повлече во себе, а сепак останатите членови на тоа семејство да не го почувствуваат неговиот дух и влијание. Дури и изразот на лицето влијае на доброто или на злото. Неговиот дух, неговите зборови, неговите постапки, неговиот однос кон останатите не можат да се избришат. Неговата себичност, со маларична атмосфера ја опкружува неговата душа. Ако е исполнет со Христовата љубов, ќе биде учтив, љубезен, нежен и внимателен кон чувствата на другите. Со делата на својата љубов кон своите ближни ќе им го пренесе чувството на нежност, благодарност и среќа. Сите тогаш ќе сфатат дека таквиот човек ќе живее за Исус и секојдневно крај Неговите нозе ќе прима поуки, ќе ги прима Неговата светлина и Неговиот мир. Таквиот ќе може да му каже на Господа: „И милоста твоја ме направи голем“. {АД 33.4}

