Христово охрабрување за мајките

Адвентен дом

Маќеа

Исус ги благословил децата. – Во Христовото време мајките ги носеле своите деца кај Него за да ги стави Своите раце на нив и да ги благослови. Со ваква постапка мајките покажале дека веруваат во Исуса и дека чувствуваат голема грижа во своето срце за сегашното и идно добро на своите малечки, кои се доверени на нивна грижа. Но учениците не можеле да ја видат потребата мајките да го прекинуваат Исус само за да ги види децата; кога Исус забележал дека учениците ги одбиваат, ги укорил и му наредил на мноштвото да ги пуштат овие верни мајки со своите мали деца. Рекол: „Оставете ги децата и не им забранувајте да доаѓаат кај Мене; затоа што на таквите е небесното царство“. {АД 273.1}

Кога мајките поминале долг прашлив пат и му се приближиле на Спасителот, Тој ја видел скриената солза и усни кои се тресат, кои изговарале тивка молитва за своите деца. Тој ги слушнал зборовите на укор од страна на учениците и веднаш им се спротивставил. Неговото големо срце полно со љубов било отворено да ги прими децата. Едно по едно, ги земал во скут и ги благословувал, додека едно мало дете цврсто спиело на Неговите гради. Исус ги охрабрил мајките за нивната работа. Какво олеснување им донело тоа на нивното срце! Со каква радост размислувале за Исусовата добрина и милост, кога би се сетиле на тоа важно случување! неговите љубезни зборови го симнале тешкиот товар од нивните срца и ги вдахнал со нова надеж и храброст. Исчезнало секое чувство на умор. {АД 273.2}

Тоа е охрабрувачка поука за мајките за сите времиња. Кога ќе направат најдобро што можат за доброто на своите деца, тие можат да ги донесат кај Исус. Во Исусовите очи се скапоцени и бебињата во мајчиното крило. Кога мајчиното срце ќе тежнее за мајчината помош што не може да му ја даде, за милоста која не може да ја подари и кога себе си и децата ќе ги стави во Христовите милостиви раце, Тој ќе ги прими и ќе ги благослови; Тој ќе даде мир, надеж и среќа и за мајката и за децата. Ова е скапоцена предност што Исус ја подарил на сите мајки. {АД 274.1}

Исус и денес ги повикува мајките. – Христос Величеството на небото рекол: „Пуштете ги децата и не бранете им; затоа што на таквите е Божјото царство“. Исус не ги праќа децата кај рабините; Тој не ги праќа кај фарисеите, затоа што знае дека тие ќе ги научат да го отфрлат својот најдобар Пријател. Но мајките направиле добро што своите деца ги донеле кај Исуса… Мајките треба и денес да ги донесуваат своите деца кај Христа. Проповедниците на евангелието нека ги земат малите деца на раце и нека ги благословат во Исусово име. Малите деца треба да ги слушнат зборовите на најнежна љубов, затоа што и Исус ги зел јагнињата во Свои раце и ги благословил. {АД 274.2}

Мајките треба да дојдат кај Исуса со своите грижи и тогаш ќе добијат милост која ќе им помогне во воспитување на децата. Вратата е отворена за секоја мајка која сака своите товари да ги стави пред нозете на Спасителот… Тој… сѐ уште ги повикува мајките да Му ги донесат своите деца за да ги благослови. Со верата на мајката, која со молитва му се обраќа на Бога, дури и малечкото дете кое почива на нејзините раце може да престојува во сенката на Семоќниот. Јован Крстител бил исполнет со Свет Дух од самото раѓање. Ако живееме во заедница со Бога и ние можеме да очекуваме дека божествениот Дух ќе ги изградува нашите деца од првите денови на нашиот живот. {АД 274.3}

Срцата на младите – погодно тло. – Тој (Христос) се изедначил со понизните, сиромашните и ожалостените. Тој ги зел малите деца во Свои раце и така непосредно се приближил на младите. Неговото големо срце исполнето со љубов можело да ги разбере нивните борби и потреби, Тој се радувал на нивната среќа. Неговиот дух оптоварен со вревата и метежот на преполниот град, уморен од средба со итри и лицемерни луѓе, нашол одмор и мир во друштвото на невините деца. Кон Неговото присуство никогаш не чувствувале одбивност. Небесното Величество прифатило да одговара на нивните прашања, усогласувајќи ги своите важни поуки со нивните детски сфаќања. Во нивните млади умови, коишто се развивале, посеал семе на вистината, кое ќе никне и ќе донесе богата жетва во нивните зрели години. {АД 275.1}

Тој знаел дека овие деца ќе го послушаат Неговиот совет и дека ќе Го прифатат како свој Спасител, наспроти оние кои располагале со мудроста на овој свет, но кои имале тврдо срце и не биле подготвени да Го следат и да најдат место во Божјото царство. Со тоа што дошле кај Христа и ги примиле Неговите совети и благослови, овие деца со својот млад ум го усвоиле Неговиот лик и Неговите благи зборови, кои не можело ништо повеќе да ги замрачи. Од оваа Христова постапка, треба да научиме дека срцата на младите се најпогодно тло за учење на Христовата наука, за насочување кон побожност и доблести и трајно чување на примените впечатоци. {АД 275.2}

„Пуштете ги децата и не им бранете да доаѓаат кај Мене; зашто на таквите е царството небесно“. Овие скапоцени зборови треба да ги цени не само секоја мајка туку и секој татко. Овие зборови се охрабрување за родителите да ги донесат своите деца кај Него и во Негово име да бараат Таткото да го излее својот благослов на целото нивно семејство. Да им посветиме внимание не само на мирните деца туку и на немирните, непослушни деца, на кои им е потребно грижливо воспитување и нежно водство. {АД 275.3}

Единаесетти дел

ДЕЦАТА МЛАДИ СОРАБОТНИЦИ