Маќеа

Адвентен дом

Воспитувањето на децата е првата мајчина грижа

Совет за маќеата. – Твојата венчавка за човекот кој има деца ќе биде благослов за тебе… Ти си се наоѓала во опасност да станеш себична. Ти имаш прекрасни особини на карактерот, кои треба да се поттикнат и искористат… твојот нов брак ќе ти овозможи да стекнеш искуство, кое ќе те научи како да постапуваш со умовите. Со грижата околу децата се развива љубовта и нежноста. Одговорностите кои сега почиваат на тебе во твоето семејство можат да бидат средство задобивање на голем благослов. Овие деца за тебе ќе бидат скапоцен учебник. Тие ќе ти донесат многу благослови ако правилно ги читаш. Новите мисли кои во тебе ќе ја разбудат грижата за нив, ќе предизвикаат нежност, љубов и сочувство. Иако тие деца не се дел од твоето тело, со твојата свршувачка за нивниот татко тие станале твои, да ги сакаш, негуваш, учиш и да се грижиш за нив. Твојата поврзаност со нив ќе доведе до создавање на мисли и планови кои за тебе ќе бидат од вистинска полза… Со искуството што ќе го стекнеш во својот дом, ќе се ослободиш од себичноста која сакала да ја упропасти твојата работа и ќе ги измени веќе поставените планови кои требало да ги ублажиш и да ги покориш… {АД 270.1}

Би требало да развиеш поголема нежност и сочувство, за да можеш повеќе да им се приближиш на оние на кои им се потребни благи, сочувствителни и љубезни зборови. Твоите деца ќе ги разбудат во тебе овие црти на карактерот и ќе ти помогнат да развиеш пошироко мислење и размислување. Со дружење со нив, кое е проникнато со љубов, ти ќе научиш да бидеш понежна и сочувствителна во својата служба за човештвото што страда. {АД 270.2}

Укор упатен кон маќеата на која ѝ недостасува љубов. – Ти си го засакала својот сопруг и си се омажила за него. Си знаела дека со венчавката ќе го прифатиш заветот да бидеш мајка на неговите деца. Во овој поглед видов еден недостаток кај тебе. Тажно е што ова ти недостасува. Ти не ги сакаш децата на твојот сопруг и доколку не дојде до целосна промена, целосни реформи во тебе и во твојот начин на постапување, овие скапоцени бисери ќе пропаднат. Љубовта и искажувањето на нежност не се дел од твоите постапки… {АД 271.1}

Ти го загорчуваш животот на тие мили деца, особено на девојчето. Каде е љубовта, нежноста и трпеливото однесување? Во твоето непрепородено срце живее повеќе омразата отколку љубовта. Од твоите усни почесто се слуша укор отколку пофалба и охрабрување, твоите груби постапки, твојата бесчувствителна природа паѓаат на чувствителното девојче како град на нежна билка, таа се наведнува на секој удар на ветерот, додека нејзиниот живот не биде сотрен, а таа не остане да лежи скршена. {АД 271.2}

Твоите постапки го сушат изворот на љубов, надежта и радоста кај твоите деца. Во очите на девојчето се гледа постојана тага. Наместо кај тебе да разбуди сочувство и нежност, таа предизвикува нетрпение и одбивност. Ако сакаш овој изглед да го смениш во живост и ведрина… {АД 271.3}

Децата го читаат изразот на мајчиното лице; дали тоа изразува љубов или одбивање. Ти не знаеш што правиш. Зар тоа мало тажно лице, со тешка воздишка која излегува од згрченото срце, во својот копнеж за љубов, не предизвикува сожалување? {АД 271.4}

Плодови од непотребна строгост. – Неодамна ми е покажан случајот на сестра Ј. Нејзините заблуди и грешки јасно ми се прикажани. Меѓутоа, во последното видение видов дека злото сѐ уште постои, дека со децата на својот сопруг постапува студено и без сочувство. Опомените и укорите таа не ги упатувала само за сериозните престапи, туку и за ситници, кои не биле вредни да се спомнат. Не е добро постојано да се бараат грешки и Христовиот Дух не може да продолжи во срцето во кое постои таа особина. Таа е склона без ниту еден збор на пофалба да премине преку тоа што е добро кај нејзините деца, но е секогаш подготвена да ги кара за секоја грешка што ќе ја види. Ова целосно ги обесхрабрува нејзините деца и ги наведува да создадат навики на немарливост. Тоа го поттикнува злото во срцето и од него го изнесува само она што не е добро. Во децата кои се постојано укорувани ќе се појави дух „многу ми е гајле“, а лошите чувства често ќе се изразат без оглед на последиците… {АД 271.5}

Сестрата Ј. треба да негува љубов и сочувство. Таа треба да покаже нежна љубов кон децата без мајка, кои ѝ се доверени. Тоа ќе биде благослов и за овие деца што Бог ги сака и ќе ѝ се врати во наклонетост и љубов. {АД 272.1}

Кога е потребна двојна грижа. – Децата кои ја изгубиле личноста во чиишто гради постоела мајчина љубов, доживеале загуба која никогаш не може да се надомести. Но кога некој ќе одлучи да застане на местото на мајката на тоа мало, сирото стадо, на него почива двојна грижа и товар да биде, ако е возможно уште повеќе, проникнато со љубов и уште повнимателно да укорува и советува, отколку што тоа би го правела нивната сопствена мајка. На тој начин ќе ја надополни загубата која ја претрпело ова мало стадо. {АД 272.2}