Едемскиот дом како пример

Адвентен дом

Едемскиот дом како пример

Бог го создал првиот дом. – Сам Бог го создал едемскиот дом на нашите прародители. Кога го уредил со сѐ што човекот може да посака рекол: „Да направиме човек сличен на нас, како што сме ние..”. {АД 25.1}

Господ бил задоволен со ова последно и најоблагородено од сите Свои созданија, одредувајќи го да биде совршен жител во совршен свет. Божја намера не била човекот да живее во самотија. Тој рекол: „Не е добро за човекот да биде сам; да му направам пријател за него“. {АД 25.2}

Сам Бог му дал пријател на Адам. Тој му дал пријател според него кој ќе му биде другар, кој ќе биде едно со него во љубовта и сочувството. Ева е создадена од Адамовото ребро, што значи дека таа нема да го надгледува како главна, ниту ќе биде газена како подредено суштество. Таа е битие кое е рамно на мажот, кое мажот ќе го сака и штити. Дел од него самиот, коска од неговите коски, тело од неговото тело, таа е неговото второ „јас“. Со тоа се исполнува тесната заедница и емоционална припадност која треба да постои во овој однос, „затоа што никој не го замразува своето тело, туку го храни и грее”. „Затоа човекот ќе ги остави своите татко и мајка, и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело“. {АД 25.3}

Бог го извршил првото венчавање. – Бог учествувал во свеченоста на првото венчавање. Затоа оваа установа има свој почеток во светилиштето на Создателот. „Сите да го одржуваат бракот свет“ (Евреите 13:4). Бракот е еден од првите Божји дарови за човекот и претставува една од двете установи кои Адам, по својот пад во грев, ги понел од рајот. Бракот е благослов кој е заснован на признание и послушност на божествените начела. Тој ја чува чистотата и среќата на човештвото, ги задоволува човековите општествени потреби и ја крева телесната, умствена и морална природа. {АД 25.4}

Оној кој на Адам му ја дал Ева да му биде сопруга, го направил своето прво чудо на една свадбена свеченост. Во свадбената просторија во која роднините и пријателите заедно се радувале, Христос ја започнал својата јавна служба. Со тоа Тој ја потврдил брачната заедница, признавајќи ја како установа која лично ја засновал… {АД 26.1}

Христос го подигнал бракот со тоа што го направил и симбол за заедница помеѓу Себе и Своите откупени деца. Тој е Младоженец а црквата е Негова невеста, за која како Своја избраница вели: „Целата си убава, мила моја и нема недостаток на тебе“. {АД 26.2}

Секоја потреба била задоволена. – Адам го опкружувало сето она што срцето можело да посака. Секоја негова потреба била задоволена. Во славниот Едем немало гревови ниту пак знаци на распаѓање. Божјите ангели слободно и љубезно разговарале со светиот пар. Птиците радосно пееле на слава на својот Создател. Мирољубивите животни слободно се движеле во близина на Адам и Ева, подготвени да го послушаат нивниот глас. Адам бил благословен со совршена убавина и сила – тој бил најблагородното Божјо создание. {АД 26.3}

Човекот и неговиот Создател не ги раздвојувала никаква сенка. Бог за луѓето бил добар небесен Татко затоа што нивното однесување во сѐ било усогласено со Божјата волја. Во Адамовиот карактер се одржувал Божјиот карактер. Божјата слава се покажувала на сѐ во природата. {АД 26.4}

Работата и човековата среќа. – Бог го сака сето она што е убаво. Тој ни дал очевидни докази за тоа во делата на Своите раце. За нашите прародители насадил прекрасна градина во Едем. Разновидни корисни и убави дрвја гордо се издигнувале. Прекрасното цвеќе со прекрасна убавина и боја го исполнило воздухот со мирис… Бог одредил човекот да најде среќа во негувањето на Божјите созданија, задоволувајќи ги своите потреби со плодовите од дрвјата во градината. {АД 27.1}

Адам ја добил едемската градина за да ја чува и негува. Создателот знаел дека без работа Адам не би можел да биде среќен. Убавината на градината го воодушевила, но тоа не било доволно. Нему му била потребна работа, затоа што само така сите органи од своето тело може да ги стави во движење. Да се наоѓала среќата во неактивноста, човекот во состојба на света невиност би бил оставен без работа. Меѓутоа, Оној кој го создал човекот знаел што е потребно за неговата среќа. Штом го создал, Бог му одредил работа. Ветувањето за идната слава, и барањето човекот единствено со работа да може да си стекне храна за себе, дошле од истиот престол. {АД 27.2}

Христијанскиот дом го претставува Бога. – Татковците и мајките кои го ставаат Бога на прво место во својот дом, кои ги учат децата дека стравот Господов е почеток на мудроста, Го прославуваат Бога пред ангелите и пред луѓето со тоа што на светот му го претставуваат своето урамнотежено и единствено семејство, кое го сака и слуша Бога, кое не се буни против Него. Христос не е странец во таков дом. Во тој дом Неговото име е познато, почитувано и славено. Ангелите се радуваат на домот во кој Бог владее, во кој децата се учат да ја почитуваат верата, Библијата и својот Создател. Такво семејство може да се потпре на ветувањето: „Ќе ги почитувам оние кои Ме почитуваат Мене“. Во разговор со Бога, Таткото од таквиот дом оди на работа со понизен и кроток дух. {АД 27.3}

Само постојаната Христова присутност може да ги направи мажите и жените среќни. Секоја вода во животот Христос може да ја претвори во небесно вино. Тогаш домот станува Едем на блаженството, а семејството впечатлива претслика за семејството на небото. {АД 28.1}

Втор дел

СВЕТЛИНА ЗА БЛИЖНИТЕ