2. ДОВЕРБА ВО БОЖЈАТА СИЛА
Понеделник, 28 септември 2026
а. Како нашиот однос кон заблудените и грешните ближни ја открива длабочината на нашата вера во Божјата сила? Филипјаните 1:6-8.
„Ние треба да настојуваме да ги разбереме слабостите на другите. Знаеме сосема малку за страдањата на душата на оние што биле заробени во прангите на темнината и на кои им недостигаат решителност и морална сила. Најмногу сожалување треба да се има кон оној што страда заради грижа на совеста, како зашеметен човек што се тетерави и тоне во правта. Тој не може јасно да гледа. Разумот му е помрачен и не знае каде да оди. Многу сиромашни души се погрешно разбрани, неценети, исполнети со неволја и душевна болка — изгубени овци што талкаат. Тие не можат да го најдат Бога, а сепак со длабок копнеж, интензивно копнеат за простување и мир. Ох, нека не биде изговорен ниту еден збор што би предизвикал подлабока болка!… Скапоцените души го чинеле нашиот Спасител премногу скапо, за да бидат толку лесно препуштени на силата на искушувачот. Треба да се ставиме самите себеси на местото на искушуваните. Имајте ги предвид законите на наследувањето, влијанието на лошото друштво и околината, како и силата на лошите навики. Треба ли да се чудиме што под такви влијанија многумина морално пропаѓаат? Треба ли да се чудиме што тие толку бавно одговараат на напорите вложени за нивно издигнување! Честопати, најлојални следбеници и поборници на Евангелието стануваат токму оние, кои изгледаат груби и навидум не ветуваат многу. Тие не се сосема изопачени. Под нивната одбивна надворешност има добри побуди до кои може да се допре. Многумина, кои никогаш не би закрепнале без подадена рака за помош, со трпеливи истрајни обиди можат да бидат подигнати. На таквите им се потребни зборови, љубезно внимание, вистинска помош, која нема да го гасне одвај забележливиот пламен на храброст во нивната душа. Работниците што доаѓаат во контакт со таквите души, мораат да го имаат тоа предвид.“
Извор: Здравје и среќа, 168.
б. Со каква цел треба да ја проучуваме Божјата реч? Филипјаните 1:9-11.
„Треба ревносно да го користиме секое средство на благодатта, за Божјата љубов сè повеќе да изобилува во душата. ’За да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос’ (Филипјаните 1:10, 11). Вашиот христијански живот мора да стане силен и одлучен. Можете да го достигнете високиот стандард поставен пред вас во Светото писмо, и морате да го достигнете ако сакате да бидете Божји деца. Не можете да стоите во место; морате или да напредувате или да назадувате.“
Извор: Сведоштва за црквата, 264.
