Нашето денешно проучување се однесува на еден мошне интересен текст:
„А во тоа време имаше џинови на земјата, особено кога синовите Божји почнаа да влегуваат при ќерките човечки и тие почнаа да им раѓаат; тоа се силните луѓе, прочуени од старото време“ (Создавање 6:4; Стандардна Библија 2006).
„Во оние времиња – а и подоцна – на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца. Тоа се оние, од стари времиња, по сила прочуени луѓе“ (Создавање 6:4; превод Константинов 1999).
Околу овој текст постојат немалку погрешни толкувања. Особено често го користат поборниците на теоријата за интимни односи меѓу ангелите и луѓето, сметајќи дека тој ја потврдува нивната теза. Но оригиналниот текст, поширокиот контекст, здравиот разум и логиката не даваат цврста основа ова толкување сериозно да се прифати.
За ова прашање делумно зборувавме и претходно, но денес ќе се обидеме да го разгледаме подетално и да дојдеме до појасен заклучок.
Божјото создание има извонредна способност да се приспособува на околностите и, во зависност од нив, да развива или засилува други способности. На пример, кога човек ќе го изгуби видот или кога видот му е ограничен, слухот често станува почувствителен. Ова не е само мислење или претпоставка, туку појава потврдена и со научни истражувања: кога едно сетило е ограничено, другите можат делумно да ја надоместат неговата намалена функција.
Исто така, познати се случаи на луѓе кои, откако ги изгубиле рацете, толку многу ги развиле способностите на нозете што со нив можат да извршуваат дејства што повеќето луѓе ги прават со рацете, да јадат, да цртаат, па дури и да управуваат автомобил.
Особено впечатлив пример е полскиот професионален дрифт-возач Бартош Осталовски. Откако во сообраќајна несреќа ги изгубил двете раце, тој не се откажал од својата љубов кон автомобилизмот. Со текот на времето научил да управува со автомобилот со нозете, а возилото било специјално приспособено за неговите потреби. Со левата нога управува со воланот, со десната ги контролира педалите, а менувањето брзини го врши преку посебен систем што го активира со рамото.
Неговиот пример покажува колку голема способност за приспособување има човечкиот организам. Кога една можност е изгубена, човекот може, со упорност и вежбање, извонредно да развие други способности и преку нив да надомести дел од изгубената функција.
Веќе нема да наведуваме други примери за тоа како луѓе без раце можат извонредно да развијат други способности и, на пример, да цртаат со устата или со нозете. Овие примери ги наведовме за да покажеме дека човечкото тело има голема способност за приспособување: кога една функција е изгубена или ограничена, други делови од телото можат делумно да ја преземат нејзината функција.
Но човечкото тело може да се менува и под долготрајно надворешно влијание. Добро познат историски пример е повивањето на стапалата кај жените во традиционална Кина. На девојчињата уште од рана возраст стапалата им биле силно повивани за да останат што помали. Со текот на времето тоа доведувало до трајна деформација, болка и ограничено движење. Таквите стапала биле нарекувани „златни лотоси“ и некогаш се сметале за знак на убавина и општествен углед.
Овој пример покажува колку силно долготрајните услови можат да влијаат врз развојот и обликот на човечкото тело. Она што постојано го ограничува или оптоварува организмот може со текот на времето да остави длабоки и трајни последици.
Овие примери не ги наведовме залудно, туку за да покажеме колку човечкиот организам може да се приспособува на нови услови. Човек кој е физички слаб и нема изразена мускулна маса може да си постави цел и, со дисциплина, соодветна исхрана и редовно вежбање, за релативно кратко време значително да ги промени изгледот и силата на своето тело. Денес постојат многу програми што ветуваат токму такви резултати.
Слично на тоа, постојат и програми што ветуваат зголемување на висината, од едноставно висење на вратило до различни комбинации на вежби, истегнување и исхрана. Сепак, тука треба да се биде внимателен: кај децата и адолесцентите правилната исхрана, движењето, сонот и здравиот начин на живот можат да му помогнат на организмот да го достигне својот природен потенцијал за раст. Но кај возрасен човек, откако ќе се затворат зоните на раст, вистинското зголемување на висината по природен пат е многу ограничено или невозможно.
Затоа, не можеме да кажеме дека човек може да расте во висина во текот на целиот живот, но можеме да кажеме дека телото реагира на условите во кои живее. Ако човек му обезбеди правилна исхрана, движење, сон, дисциплина и соодветна грижа, организмот може да се развие многу повеќе отколку што на почетокот изгледа возможно.
Ако денешниот човек, и покрај ограничениот животен век, болестите, слабеењето на организмот и неповолните услови за живот, може да постигне зачудувачки резултати во физичкиот развој, тогаш можеме само да замислиме какви можности имал човекот во почетокот, кога светот бил создаден чист, хармоничен и добар.
Според Духот на пророштвото, првите луѓе не биле како денешниот ослабен човечки род. За Адам е кажано дека бил со благородна висина, прекрасна градба и повеќе од двапати повисок од луѓето што живеат денес. Тоа ни покажува дека човекот во почетокот бил создаден со сила, убавина, достоинство и телесна хармонија што денес тешко можеме целосно да ги замислиме.
Но по падот во грев започнала постепена деградација, духовна, морална и телесна. Колку повеќе човекот се оддалечувал од Бога, толку повеќе ја губел својата првобитна целина. Наместо да го развива Божјиот лик во себе, човекот почнал да ја истакнува сопствената сила, своето тело, своите способности и своите достигнувања.
Тука се гледа една важна поука: кога духовното во човекот се потиснува, телесното може да добие неприродно големо значење. Човекот тогаш не ја гледа силата како дар што треба да му служи на Бога, туку како средство за самопрославување. Наместо телото да биде во служба на духот, духот станува заробеник на телото.
Тоа значи дека претпотопните луѓе и самите по себе биле со необична висина и сила. Но потомците на Каин уште повеќе го насочиле својот развој кон физичкото, наместо кон духовното. Во текот на својот долг живот, кој достигнувал речиси илјада години, тие имале многу време и можности да ја развиваат телесната сила, вештините и надворешната моќ. Во таа насока може да се разбере и спомнувањето на џиновите во Писмото.
Имајќи го ова предвид, да се вратиме на стихот што го истражуваме:
„Во оние времиња – а и подоцна – на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца…“
Пред подетално да го разгледаме значењето на зборот „Нефили“, обрнете внимание на начинот на кој е формулиран стихот. Во оригиналниот текст се вели дека Нефилите биле на земјата „во оние денови, а и подоцна“, во времето кога Божјите синови влегувале при човечките ќерки и тие им раѓале деца.
Затоа, самиот стих не ни дозволува едноставно да заклучиме дека Нефилите се појавиле исклучиво како последица на тие односи. Текстот веќе ги спомнува како присутни „во оние денови“, а потоа додава дека ги имало „и подоцна“. Поради тоа, теоријата дека самото постоење на Нефилите мора да се објасни со интимни односи меѓу ангели и луѓе не произлегува неопходно од самиот стих.
Веќе ја разгледавме неоснованоста на тоа толкување од повеќе страни. А и самиот начин на кој е составен овој стих покажува дека не треба автоматски да се изедначат Нефилите со потомството родено од споменатите односи. Затоа оваа теорија не може да се смета за единствено или нужно објаснување на библискиот текст.
Да погледнеме подлабоко: што значи зборот „Нефили“?
הַנְּפִלִ֞ים: ха-нефилим – Нефили е назив што во библискиот текст се употребува за необични и прочуени луѓе од старото време.
Зборот „Нефили“ најчесто се поврзува со хебрејскиот корен נפל, нафал, кој значи „паѓа“, „соборува“ или „урива“. Оттука, неговото значење може да се поврзе со идејата за „паднатите“ или, според некои толкувања, „оние што соборуваат“:
„А оние што одеа со него велеа: ’Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.‘ И ширеа лош глас за земјата што ја извидуваа меѓу израелските синови, велејќи: ’Земјата низ која поминавме за да ја извидиме е земја што ги изедува своите жители, и сиот народ што го видовме во неа се луѓе со висок раст; таму видовме и исполини (нефилим), Енаковите синови од исполинскиот род; пред нив ни се чинеше дека сме како скакулци, а такви им изгледавме и ние ним.‘“ (Броеви 13:31-33).
Гледаме дека во овој текст Нефилите се поврзуваат со луѓе со необична висина и сила. Но дали тоа значи дека зборот „Нефили“ недвосмислено и исклучиво значи „џинови“? Не мора да значи.
Во Светото писмо се спомнуваат и други луѓе со необична висина, како припадниците на родовите Рефаими и Енаки, без секогаш за нив да се употребува називот „Нефили“. Затоа не е оправдано значењето на зборот да се сведе само на телесната висина.
Важна е и можната етимолошка врска со коренот нафал. Ако таа врска е точна, тогаш називот може да носи и поширока смисла од самата физичка големина, смисла поврзана со пад, насилство или соборување.
Затоа, првобитните Нефили можеме да ги разбереме не само како луѓе што се одликувале со необична физичка сила и раст, туку и како луѓе чија моќ била поврзана со длабока морална расипаност и насилство.
Оттука, преводот на „Нефили“ само како „џинови“ или „гиганти“ може да биде премногу тесен. Тој ја истакнува нивната надворешна големина и сила, но можеби не ја исцрпува целата смисла на називот. Поради тоа, во некои толкувања зборот се поврзува и со идејата за „паднати“ или „оние што соборуваат“.
Во овие зборови може да се види и подлабока мисла: зад падот на овие луѓе стоело влијанието на паднатите ангели, предводени од сатаната. Тие не морале телесно да се поврзуваат со луѓето за да влијаат врз нивниот пад; доволно било човекот да го отфрли Божјото водство и да го прифати духот на бунт, насилство и самопрославување.
Важно е да се забележи и следново: Септуагинтата, древниот грчки превод на Стариот завет, го пренесува зборот „Нефили“ со грчкиот збор γίγαντες (gigantes). Под влијание на овој превод, а подоцна и на латинската Вулгата, во многу подоцнежни преводи се утврдило разбирањето дека станува збор за „џинови“.
Сепак, преводот „џинови“ не мора да ја исцрпува целата смисла на хебрејскиот збор „Нефили“. Во Броеви 13:33 Нефилите навистина се поврзуваат со луѓе со необична висина, но во Создавање 6:4 тие се опишани и како „силни луѓе“ и „прочуени од старото време“. Затоа, физичката големина може да биде само еден дел од сликата.
Повторно се соочуваме со важноста внимателно да се разликува преводот од толкувањето. Преведувачите понекогаш избираат збор што најлесно ќе му ја пренесе смислата на читателот, но со тоа може да се истакне само еден аспект од оригиналниот израз. Затоа, при проучувањето на вакви текстови е важно да се земат предвид и оригиналниот збор и поширокиот библиски контекст.
Во паганските преданија постојат приказни за полубогови и полулуѓе, а некои толкувања се обидуваат слична претстава да внесат и во Писмото, претставувајќи ги Нефилите како некакви натчовечки суштества настанати од мешање на ангели и луѓе. Но таквото разбирање не произлегува нужно од самиот библиски текст, туку во голема мера зависи од претпоставките со кои толкувачот пристапува кон него.
„Видов дека Бог на посебен начин ја чуваше Библијата, посебно тогаш кога ја имаше во мал број, учените луѓе во извесна смисла менувале некои зборови со желба да ја направат појасна, но тие всушност ја направиле уште понеразбирлива и потаинствена прилагодувајќи ја кон своите убедувања кои се темелеле на преданијата.“
(Рани списи, 220)
Одиме понатаму. „Божјите синови“ биле потомци на побожната лоза на Сит, но со текот на времето и тие духовно ослабнале поради гордоста и прифаќањето на начинот на размислување на Каинитите.
Жените од каинитската лоза, насочени кон надворешната убавина и телесната привлечност, станале особено привлечни за духовно ослабените потомци на Сит. Наместо да избираат според духовните вредности, тие почнале да се водат од надворешниот изглед. Токму на тоа укажува и библискиот текст кога вели дека „синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави“ (Создавање 6:2), па ги земале за жени оние што им биле по желба.
На тој начин дошло до мешање меѓу двете лози: потомците на Сит, кои го имале познавањето на Бога, и потомците на Каин, кои се оддалечиле од Него. Резултатот биле поколенија со големи телесни и умствени способности, но без соодветна духовна насоченост. Наместо својата сила и дарови да ги употребуваат за Божја слава, тие ги насочиле кон зло, насилство и самопрославување.
Токму затоа библискиот текст ги нарекува и „силни луѓе“ или „јунаци“. Во оригиналот стои изразот ха-гиборим, што значи „моќни“, „силни“ или „јунаци“. Но нивната сила не мора да се разбере само телесно. Тие се истакнувале и со своето влијание, моќ и углед меѓу луѓето. Наместо тие дарови да ги користат за добро, ги употребувале за самопрославување и за исполнување на сопствените желби. Така силата, наместо да биде благослов, станала средство за ширење на злото.
Мешањето на двете лози довело до појава на поколение кое, иако можело да ги воодушевува своите современици со сила, способности и ум, сепак било духовно расипано. Кај тие луѓе телесното и надворешното добиле предност над духовното, а даровите што ги имале не биле употребени за Божја слава, туку за самопрославување.
Фразата „прочуени од старото време“ носи уште една важна поука. Во оригиналот стои израз што може да се разбере како „луѓе со име“, односно луѓе што стекнале слава и углед. Но во контекстот на претпотопниот свет, нивната прочуеност не била поврзана со верност кон Бога, туку со човечка сила, влијание и достигнувања. Наместо да Го прославуваат Создателот, тие се прославувале себеси.
И денес може да се забележи слична појава: луѓето често стекнуваат слава не преку доблест и побожност, туку преку она што Божјото Слово го нарекува грев. Токму затоа Христос го споредува времето пред Своето доаѓање со деновите на Ное. Како што тогаш луѓето живееле за себе и за сопствената слава, така ќе биде и во последните денови.
Христос го споредил времето пред Своето враќање со деновите на Ное, велејќи:
„Но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37).
Претпотопните луѓе, отфрлајќи ги Божјите заповеди, потонале во разврат и беззаконие и токму врз тоа ја граделе својата слава. Истото начело го гледаме и денес, кога гревот не само што се оправдува, туку често и јавно се прославува. Тоа нè потсетува дека времето на Христовото доаѓање е сè поблиску.
Да ги сумираме денешните заклучоци:
- Зборот „Нефили“ не се користи исклучиво за означување џинови. Неговото значење е пошироко и може да се поврзе не само со необична сила и висина, туку и со идејата за пад и морална расипаност.
- Според Духот на пророштвото, човекот при создавањето бил повеќе од двапати повисок од денешните луѓе. Тоа значи дека првите луѓе и самите по себе се одликувале со необична висина, сила и телесна хармонија.
- Потомците на Каин сè повеќе се насочувале кон физичката сила, надворешната убавина и телесните способности, додека духовното го потиснувале.
- Затоа, џиновите од Создавање 6 можат да се разберат во рамките на тогашните услови и развојот на претпотопното човештво, без потреба од теории за интимни односи меѓу ангели и луѓе.
