Совети за правилно воспитување на детето
Природата како учебник
Неисцрпен извор на поуки. – Покрај Библијата, наша најголема книга за поуки треба да биде природата. {СД 45.1}
За малото дете, кое сѐ уште не е способно да учи од печатен збор или да се вклучи во редовниот тек на училишната настава, природата претставува неисцрпен извор на поуки и воодушевување. Срцето кое сѐ уште не затврднало од допирот со злото, бргу може во сето создадено да го препознае Божјото присуство. Сѐ уште неотапено од вревата на светот, увото е приемчиво за Гласот кој зборува преку природата. {СД 45.2}
Природата ги илустрира поуките од Библијата. – Децата треба да бидат охрабрени во природата да бараат илустрации за библиските учења, а во Библијата да наоѓаат споредби извлечени од природата. Сето она што го претставува Христа, како и она што Тој го употребил опишувајќи ја вистината, тие треба да го истражуваат и во природата и во Светото писмо. На тој начин ќе можат да научат да го препознаат Него во дрвото и лозата, во лилјанот и розата, во сонцето и ѕвездата. Тие можат да научат да го слушаат неговиот глас во песната на птиците, во шумот на дрвјата, во татнежот на громот и во музиката на морето. Секое нешто во природата ќе им ги повторува неговите скапоцени поуки. {СД 46.3}
Библијата ги толкува тајните на природата. – Кога ќе дојде во допир со природата детето ќе биде збунето. Тоа неизбежно ќе го забележи дејствувањето на соперничките сили. И токму тука му е потребен толкувач на тие процеси во природата. Гледајќи како злото се покажува дури и во светот на природата, сите мораат да ја научат истата жална поука – „Човек непријател го направи тоа“ (Матеј 13:28). {СД 47.2}
Поуките на природата можат правилно да се прочитаат само во светлината што сјае од Голгота. Преку сторијата за Витлеем и крстот нека се покаже како доброто треба да го надвладее злото и дека секој благослов што го примаме е дар на откупувањето. {СД 47.3}
Злото кое расипува и уништува е претставено со боцки и трње, со плевел и троскот. Во птицата што пее и цветот кој се отвора, во дождот и сјајот на сонцето, во летното ветренце и нежната роса, во десетици илјади нешта во природата, од дабот во шумата до темјанушката што цути при неговиот корен, се гледа љубовта која обновува. И природата сѐ уште ни зборува за Божјата добрина. {СД 47.4}
Негувајте љубов кон природата. – Нека мајката… најде време да ја негува љубовта кон убавите нешта во природата во себе и кај своите деца. Нивниот поглед нека го посочи кон славните нешта во широчините на небесата, до илјадниците облици на убавина што ја красат земјата, и тогаш зборувајте им за Оној кој го создал сето тоа. На тој начин таа ќе го води умот на младите кон Создателот и во срцето ќе разбуди стравопочит и љубов кон Дарителот на сите благослови. Полињата и ритчињата – аудиториумот на природата – треба да биде училница за малите деца. Нејзините ризници треба да бидат нивни учебници. Лекциите предадени на таков начин, детето никогаш нема да ги заборави. {СД 48.1}
Родителите можат да направат многу за да ги поврзат своите деца со природата. Тие можат да ги охрабрат да ги сакаат убавините на природата кои сам Бог ги поставил за нив и да ја препознаат раката на Дарителот во сѐ она што го примаат од него. Со тоа, почвата на срцето може рано да биде подготвена за драгоценото семе на вистината, кое во свое време ќе никне и ќе донесе богата жетва. {СД 48.2}
Придружени со птиците во песни на пофалба. – Малите деца треба често да се изведуваат во природа. Наместо да ги ставаат врз нив оковите на модата, нека бидат слободни како јагниња и нека си играат под пријатната свежина на сончевата светлина. Покажувајте кон грмушките и цвеќињата, понизната трева и високите дрвја, и тие нека станат блиски со нивните убави, разновидни и нежни облици. Учете ги во сите создадени дела да ја препознаат Божјата мудрост и љубов; и кога нивните срца се разиграни од радост и благодарна љубов, нека им се придружат на птиците во нивните песни на благодарност. {СД 48.3}
Природата и Библијата биле Христови учебници. – Своето образование Исус го стекнал од извори што ги одредило Небото, од корисната работа, од проучувањето на Списите, од природата и од искуството на животот – Божји учебници полни со инструкции за сите оние што доброволно подаваат рака кон нив со отворени очи и срце кое разбира. {СД 50.2}
Неговото добро познавање на Писмото покажува колку внимателно неговите рани години биле посветени на проучување на Божјиот Збор. Згора на тоа, пред него била отворена и големата библиотека на Божјите создадени дела. Оној, кој ги создал сите нешта, ги проучувал лекциите кои неговата рака ги запишала на земјата, во морето и на небото. Одвоен од несветите патишта на светот, Тој стекнувал научни познавања од природата. Го проучувал животот на растенијата, на животните и животот на човекот. Уште од неговите најрани години Тој пред себе имал една цел, да живее на благослов на другите. Извори за таа цел наоѓал во природата; додека го проучувал животот на растенијата и на животните, во неговиот ум би се родиле нови идеи за нивните патишта и значења… {СД 50.3}
Според тоа, додека се обидувал да ја разбере суштината на создаденото, пред Исуса се отворало значењето на Речта и на Божјите дела. Небесните суштества биле Негови постојани придружници, а Тој негувал свети мисли и заедница со Бога. Од мигот кога станал свесен за околината, Тој постојано растел и духовно се издигнувал во познавањето на вистината. {СД 51.1}
Секое дете може да се здобие со знаење какво што стекнал Исус. Додека се обидуваме да се запознаеме со нашиот небесен Татко преку Неговата Реч, ангелите ќе ни се придружат, нашиот ум ќе биде засилен, нашиот карактер возвишен и префинет. {СД 51.2}
