Совети за правилно воспитување на детето
Библијата како учебник
Првиот учебник на детето. – Библијата треба да биде првиот учебник на детето. Од оваа книга родителите треба да му дадат мудри поуки. Божјата реч треба да биде правилник на животот. Од неа децата треба да научат дека Бог е нивниот небесен Татко, и од прекрасните лекции во неговата Реч, тие треба да го запознаат Неговиот карактер. {СД 41.1}
Книга полна советувања, благослови и укори. – Мајката мора својот ум да го освежува и да го снабдува советувањата и благословите од Божјата реч, како и за забранетите нешта, така што, кога нејзините деца ќе направат нешто погрешно, таа да може да ги укори со Божјите зборови и да им укаже на тоа дека го жалостат Божјиот Дух. Учете ги дека Христовото одобрување и неговата насмевка имаат поголема вредност отколку пофалбата или ласкањето на најбогатите, највозвишените и најучените на оваа земја. Од ден во ден, водете ги кон Христа со љубов, нежно и срдечно. Вие не смеете да дозволите нешто да ве попречи во остварувањето на ова големо дело. {СД 41.2}
Таа ја претставува Божјата љубов како угодна тема. – Децата во секое семејство треба да бидат одгледани под влијанието на грижата и науката Господова. Лошите особини треба да бидат контролирани, а лошиот темперамент покорен. Децата треба да се поучат дека се Божја сопственост, купени со Неговата скапоцена крв, дека не можат во животот да им се предадат на задоволството и суетата, да негуваат самоволие и да ги спроведуваат само личните идеи, а сепак да се вбројат меѓу Божјите деца. Децата треба да бидат поучени со љубезност и трпение… Родителите нека им ја пренесат Божјата љубов на таков начин што таа да биде мила тема во домот, а црквата нека ја преземе врз себе одговорноста да ги храни јагнињата и овците од стадото. {СД 42.1}
Нејзините стории му влеваат сигурност на плашливото дете. – Единствено свеста за Божјото присуство може да го истера стравот, кој го обременува животот на плашливото дете. Во својот ум нека го вреже ветувањето: „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од него, и ги избавува“ (Псалм 34:7). Детето нека ја чита прекрасната сторија за Елисеј во планинскиот град, каде мноштво небесни ангели стоеле помеѓу него и војските на вооружените непријатели. Нека чита како пред Петар, затворен и осуден на смрт, се појавил Господов ангел; кој, поминувајќи ги вооружените стражари, огромните порти и големата железна врата со шарки и шипки, го одвел Божјиот слуга на безбедно место. {СД 42.2}
Бидете силни во верата и учете ги своите деца дека сите ние зависиме од Бога. Читајте им ја сторијата за четирите еврејски деца, и поттикнете го нивниот ум да сфати колку било важно доброто влијание покажано во времето на Даниел, заради неговото строго држење на принципите. {СД 43.2}
Поедноставете ги поуките од Библијата. – Родителите треба да ги поучуваат своите деца од Библијата и поуките да ги поедностават, со цел, децата полесно да ги разберат. {СД 43.3}
Учете ги своите деца дека Божјите заповеди мора да станат правило во нивниот живот. Околностите можат да ги одвојат од родителите и од нивниот дом, меѓутоа, лекциите примени во детството и младоста, ќе бидат благослов за нив во текот на целиот живот. {СД 43.4}
