2. НАШАТА БЕСПОМОШНА СОСТОЈБА
Понеделник, 17 август 2026
а. Која важна вистина им ја нагласил нашиот Господ на Своите ученици непосредно пред да ја заврши Својата земна служба?
„Многумина сметаат дека еден дел од работата можат да ја извршат сами. Тие му се довериле на Христа за да добијат простување на гревот, но сега се трудат да живеат праведно со свои напори. Меѓутоа секој таков напор е залуден. Исус вели: ’Без Мене не можете да направите ништо!’ Нашето растење во благодатта, нашата радост, нашата корисност – сето зависи од нашето единство со Христа. Само тогаш, ако секој ден и секој час сме во заедница со Него – само ако живееме во Него, ќе можеме да растеме во благодатта. Тој не е само ’Зачетник’ туку и ’Извршител’ на нашата вера! Христос е прв, последен и секогаш. Тој мора да биде со нас не само на почетокот и на крајот на нашиот пат, туку и на секој чекор во животот.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 69.
„Ако сте подготвени во Христовата школа да се учите на кротост и понизност во срцето, Тој сигурно ќе ви даде мир и спокојство. Борбата да се откажете од својата волја и од својот пат е ужасно тешка. Но кога ќе ја научите оваа лекција, ќе најдете мир и спокојство. Гордоста, себичноста и славољубието мора да бидат победени. Вашата волја мора да биде потчинета и целосно да се соедини со Христовата волја. Целиот живот може да стане непрекината жртва на љубовта; секое дело — пројава на несебичност, а секој збор — израз на љубов. Како што животниот сок на лозата струи низ стеблото и гроздовите, се спушта до најдолните влакненца и стигнува до најгорниот лист, така Христовата благодат и љубов ќе горат и ќе изобилуваат во душата, испраќајќи ги своите доблести во секој дел од битието и проникнувајќи ја секоја активност на телото и умот.“
Извор: The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 5, pp. 1091, 1092.
б. Која е тајната на растењето во Христа?
Колосјаните 2:6; Евреите 10:38.
„Вие себеси сте му се предале на Бога да бидете потполно Негови, да Му служите и да Го слушате, и сте го прифатиле Христа како свој Спасител. Вие не сте можеле сами да ги окаете своите гревови или да го промените своето срце; но вие себеси сте се предале на Бога, верувајќи дека Тој поради Христа, сето тоа го сторил за вас. Со вера сте станале Христови, и со вера треба да растете во Него – давајќи и земајќи. Вие треба да дадете сè – своето срце, својата волја, својата служба – себеси да му се предадете Нему и да бидете послушни на сите Негови барања; вие морате и да земете сè – Христа, полнината на сите благослови, да живее во вашето срце, да биде ваша сила, ваша праведност, ваш вечен Помошник – да ви дарува моќ да бидете послушни.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 69, 70. [Курзив од авторот.].
