27 декември — Претпоставки за новата Земја

Мараната — Господ доаѓа

Претпоставки за новата Земја

27 декември

„Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како ангели на небесата.“ (Марко 12:25) {МАР 369.1}

„Денес има луѓе кои веруваат дека на новата Земја ќе има бракови и раѓање деца, но оние што му веруваат на Светото писмо не можат да прифатат такво учење. Учењето дека на новата Земја ќе се раѓаат деца не е дел од ’пророчкото слово‘. Христовите зборови се премногу јасни за да може да дојде до какво и да е недоразбирање. Тие треба еднаш засекогаш да го решат прашањето за бракот и раѓањето на новата Земја. Ни оние што ќе воскреснат од мртвите, ниту оние што ќе бидат вознесени на Небото без да вкусат смрт, нема да се женат или мажат, ниту ќе стапуваат во брак. Ќе бидат како Божјите ангели, членови на царското семејство. {МАР 369.2}

На оние што се држат до гледишта спротивни на оваа јасна Христова изјава би сакала да им кажам: За такви нешта подобро е да се молчи отколку да се зборува. Тоа би било нагаѓање и навлегување во претпоставки и теории поврзани со прашања што Бог не ни ги открил во Својата Реч. Нема потреба да навлегуваме во шпекулации за нашата идна состојба. … {МАР 369.3}

’Проповедај го словото … во погодно време и во невреме‘. Не вградувајте во темелот дрва, сено и слама, зашто вашите лични претпоставки и размислувања никому не можат да му донесат добро. {МАР 369.4}

Христос не ни ускратил ниедна вистина неопходна за нашето спасение. Откриеното е за нас и за нашите деца, но не смееме да ѝ дозволиме на својата мечта да создава учења врз основа на она што не ни е откриено.“ (Medical Ministry, стр. 99,100) {МАР 369.5}

„Ми беше покажано дека духовни измислици заробиле мнозина. … На сите што дозволуваат со нив да владеат овие несвети фантазии им велам: ’Престанете! Во Христово име ви велам да престанете и да останете таму каде што сте. Се наоѓате на забранета почва.‘“ (Medical Ministry, стр. 101) {МАР 369.6}

„Господ обезбедил сè што ни е потребно за среќа во идниот живот. Но не дал никакви откровенија за овие планови, и ние не треба да нагаѓаме за нив, ниту да ги предвидуваме условите на идниот живот според условите на сегашниот.“ (Medical Ministry, стр. 100) {МАР 369.7}