15 декември — Бесмртното наследство

Мараната — Господ доаѓа

Бесмртното наследство

15 декември

„Благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината,“ (Колосјаните 1:12) {МАР 357.1}

„Откупнината е платена, и сите што доаѓаат кај Бога и живеат во послушност добиваат вечен живот. Колку е жално кога луѓето се одвраќаат од бесмртното наследство и живеат за да им угодуваат на гордоста, себичноста и самоистакнувањето, а … го губат благословот што можеле да го имаат и во овој живот и во оној што ќе дојде. Можеле да дојдат во небесните дворови и слободно и рамноправно да се дружат со Христа, со небесните ангели и со Божјите кнезови, а сепак, колку и да изгледа неверојатно, се одвраќаат од небесната убавина. {МАР 357.2}

Творецот на сите светови ги љуби оние што веруваат во Неговиот Единороден Син како свој личен Спасител, токму како што Го љуби и Својот Син. Дури и тука Неговата милостива наклоност ни се дарува во таа чудесна мера. Тој им го дал на луѓето Дарот, Светлината и Величеството на Небото, а со Него ги подарил и сите небесни ризници. Освен што ни го ветил животот што ќе дојде, Тој обилно нè дарува и во овој живот, и како на поданици на Неговата благодат ќе ни даде да уживаме во сето она што ќе го облагороди, развие и издигне нашиот карактер. Неговиот план е да нè подготви за небесните дворови. {МАР 357.3}

Но сатаната се бори за човечките души. … Тој не сака да здогледаат ни дел од идната чест, вечната слава подготвена за оние што ќе бидат жители на Небото, ниту да вкусат искуство што однапред им ја навестува небесната среќа. … {МАР 357.4}

Оние што Го прифаќаат Христа како свој Спасител го имаат ветувањето и за животот што го живеат сега и за оној што ќе дојде. … И најмалиот Христов ученик може да стане жител на Небото, Божји наследник на нераспадливо наследство што нема да овене. О, кога сите би можеле да го изберат небесниот дар, да станат Божји наследници на наследството што никој не може да го уништи, наследници на светот кој нема крај! О, не избирајте го светот, туку изберете го подоброто наследство! Напредувајте, брзајте кон целта, кон наградата на вашето возвишено призвание во Христа Исуса.“ (Fundamentals of Christian Education, стр. 234,235) {МАР 357.5}