14 декември — Дома во Новиот Ерусалим

Мараната — Господ доаѓа
Дома во Новиот Ерусалим
14 декември
„А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост.“ (Исаија 65:18) {МАР 356.1}
„Тука е Новиот Ерусалим, славната престолнина на новата земја, ’венец на слава во раката Господова и царска круна – врз дланката на твојот Бог‘ (Исаија 62:3). ’И имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најскапоцен камен, како светол камен јаспис‘. ’И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест‘ (Откровение 21:11,24). Господ кажува: ’Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ‘ (Исаија 65:19). {МАР 356.2}
Во Божјиот град ’ноќ нема да има таму‘. Никој нема да има потреба ниту ќе посака одмор. Нема да има замор при извршувањето на Божјата волја и прославувањето на Неговото име. Ние постојано ќе чувствуваме утринска свежина која никогаш нема да престане. ’не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува‘ (Откровение 22:5). Светлината на Сонцето ќе биде заменета со светлина чијшто блесок нема да им пречи на очите, а сепак, далеку ја надминува пладневната сончева светлина. Славата Божја и славата на Јагнето го исполнуваат Светиот Град со неизмерна светлина. Откупените ќе живеат во славата на вечниот ден и без сончева светлина. {МАР 356.3}
’Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Јагнето се неговиот храм‘ (Откровение 21:22). Божјиот народ ја има таа привилегија да биде во непосредна заедница со Отецот и со Синот. ’Сега гледаме како низ огледало, нејасно‘ (1. Коринтјаните 13:12). Ние сега го гледаме Божјиот лик како во некое огледало: во делата на природата и во Неговите постапки со луѓето; но тогаш ќе Го гледаме лице в лице, без темен превез меѓу нас. Ќе стоиме во Негово присуство и ќе ја гледаме славата на Неговото лице.“ (Големата борба, стр. 676,677) {МАР 356.4}
„Таму ќе знаеме како што сме познати. Таму љубовта и сочувството, што Бог ги всадил во душата, ќе најдат свој најдобар и најубав израз. Непорочната заедница со светите суштества, хармоничниот живот со блажените ангели и со верните од сите векови, посветеното пријателство кое го поврзува ’секој род на небесата и на земјата‘ – сето тоа се искуства кои ќе ги придобиваме во вечноста.“ (Воспитување, стр. 306) {МАР 356.5}
