11 декември — Наследството на светиите

Мараната — Господ доаѓа

Наследството на светиите

11 декември

„Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените.“ (Исаија 32:18) {МАР 353.1}

„Во Библијата наследството на спасените се нарекува татковина (Евреите 11:14-16). Таму небесниот Пастир го води Своето стадо на извори на жива вода. Дрвото на животот дава плод секој месец, а неговите лисја служат за здравје на народот. Таму течат потоци кои вечно жуборкаат, чисти како кристал, на чиишто брегови се нишаат дрвја кои ги фрлаат своите сенки врз патеките што Господ им ги подготвил на откупените. Таму пространите рамнини прераснуваат во прекрасни ритчиња, а Божјите гори ги издигнуваат своите возвишени врвови. Во овие тивки рамнини, покрај овие живи потоци, Божјиот народ, кој толку долго патувал и скитал, ќе го најде својот дом. … {МАР 353.2}

’Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин‘. ’Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта‘ (Исаија 35:1; 55:13). ’Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре… и мало дете ќе ги води‘. ’Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора‘ (Исаија 11:6,9).“ (Големата борба, стр. 675,676) {МАР 353.3}

„Таму на човекот ќе му биде вратено неговото загубено царско достоинство; и суштествата од понизок род повторно ќе ја признаат неговата власт; суровите ќе станат нежни, а плашливите полни со доверба.“ (Воспитување, стр. 304) {МАР 353.4}

„Во небесната атмосфера не може да постои болка. Нема да има повеќе солзи, ниту погреби, нема да има знаци на жалост. ’смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот … бидејќи поранешното помина‘ (Откровение 21:4). ’И ниеден од жителите нема да каже: ‘Болен сум’; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите‘ (Исаија 33:24).“ (Големата борба, стр. 676) {МАР 353.5}

„Таму ќе се живее едемски живот, живот во градина и во поле. ’Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои‘ (Исаија 65:21,22).“ (Воспитување, стр. 303,304) {МАР 353.6}