10 декември — Смрт повеќе нема да има

Мараната — Господ доаѓа

Смрт повеќе нема да има

10 декември

„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“ (Откровение 21:4) {МАР 352.1}

„Кога ќе влеземе во Божјото царство за таму да ја поминеме вечноста, искушенијата, тешкотиите и збунетоста што сме ги доживувале тука ќе потонат како никогаш да не постоеле.“ (The Faith I Live By, стр. 371) {МАР 352.2}

„Во домовите на откупените нема да има солзи, жалост ниту погребна поворка. ’И ниеден од жителите нема да каже: ‘Болен сум’; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите‘ (Исаија 33:24). Блаженство и среќа ќе потечат како поројна силна река која во текот на бескрајните векови ќе станува сè подлабока и сè поширока. … {МАР 352.3}

Сериозно да размислуваме за она што ги очекува блажените. Нашата вера нека ги пробие сите облаци на мракот и нека Го види Оној што умрел за гревовите на светот. Тој ја отвора ширум вратата на рајот на сите што ќе Го примат и веруваат во Него. Тој им дава сила и власт да станат Божји синови и ќерки. Неволјите кои толку болно нè рануваат, треба да ги прифатиме како поуки кои Господ ни ги испраќа, за да побрзаме ’кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос‘. Да се тешиме и храбриме со мислата дека Господ наскоро ќе дојде и оваа надеж нека ги развеселува нашите срца. … {МАР 352.4}

Ние се наоѓаме на пат кон својот дом. Оној кој толку нè љуби што умрел заради нас, ни подготвил еден град. Новиот Ерусалим е место на нашиот одмор и мир. Во Божјиот град нема да има тага. Никогаш повеќе нема да се чуе глас на болка ниту тажачки заради скршени надежи и погребани мили и драги. Наскоро облеките на тага ќе бидат заменети со свадбена облека. Наскоро ќе бидеме сведоци на крунисувањето на нашиот Цар. Оние чијшто живот бил сокриен во Христа, оние кои на оваа земја се бореле во добрата борба на верата, ќе заблескаат со славата на Откупителот во Божјото царство. {МАР 352.5}

Нема да помине уште многу време и ќе Го видиме Оној во Кого се сконцентрирани сите наши надежи на вечен живот. Во Негово присуство сите страдања и искушенија од овој живот ќе ни се чинат толку ништожни и безначајни. … Подигајте го постојано својот поглед горе и вашата вера нека биде сè посилна и посилна. Таа вера нека ве води по оној тесен пат кој преку вратата на Божјиот град води во бескрајната слава на иднината, која таму ги очекува искупените.“ (9. Сведоштво, стр. 286–288) {МАР 352.6}