6 декември — Само еден спомен на гревот

Мараната — Господ доаѓа
Само еден спомен на гревот
6 декември
„Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешниот.“ (Изреки 11:31) {МАР 348.1}
„Грешниците ја примаат својата плата на земјата (Изреки 11:31). Тие ќе бидат ’како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот‘ (Малахија 3:19). Некои ќе бидат уништени во еден миг, додека други ќе страдаат повеќе денови. Сите ќе бидат казнети ’според своите дела‘. Бидејќи гревовите на праведниците се пренесени врз сатаната, тој мора да страда не само за своите лични гревови, туку и за сите гревови на кои го навел Божјиот народ. Неговата казна ќе биде далеку поголема од казната на оние што ги измамил. Кога ќе бидат уништени сите што подлегнале на неговите измами, тој и понатаму ќе биде жив и ќе се мачи. Најпосле сите грешници ќе бидат уништени со огнот што ги чисти и коренот и гранките – сатаната како корен, а неговите следбеници како гранки.“ (Големата борба, стр. 673) {МАР 348.2}
„Сатаната и сите што му се придружиле во бунтот ќе бидат уништени. … Тогаш ’Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш‘. ’и ќе бидат како никогаш да не биле‘ (Псалм 37,10; Авдија 16).“ (Копнежот на вековите, стр. 763) {МАР 348.3}
„Божјата правда е задоволена. Светиите и сите ангелски војски гласно велат: Амин. {МАР 348.4}
Додека Земјата е обвиена во пламенот на Божјата одмазда, праведниците живеат безбедно во Светиот град. Над оние што имале дел во првото воскресение втората смрт нема власт (Откровение 20,6). Додека за грешниците Бог е оган што голта, за Својот народ Тој е сонце и штит (Псалм 84,11).“ (The Story of Redemption, стр. 429) {МАР 348.5}
„Огнот кој ги уништува грешниците ја прочистува земјата. Секоја трага на проклетството е отстранета. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот. {МАР 348.6}
Останува само еден споменик: нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распетие. … Сè што било загубено со гревот повторно е обновено. … Божјата првобитна намера при создавањето е остварена кога Земјата станува вечен дом на откупените. ’Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно‘ (Псалм 37,29).“ (Големата борба, стр. 674) {МАР 348.7} {МАР 348.8}
