5 декември — Гревот и грешниците се уништени

Мараната — Господ доаѓа
Гревот и грешниците се уништени
5 декември
„Зашто, ете, доаѓа ден, вжарен како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња.“ (Малахија 3:19) {МАР 347.1}
„Иако сатаната е присилен да ја признае Божјата праведност и да се поклони пред Христовиот врховен авторитет, неговиот карактер останува непроменет. Духот на бунтот, како моќен порој, повторно избувнува. Исполнет со бес, тој одлучува да не отстапи од големата борба. Дојде мигот за последната очајна битка против небесниот Цар. Тој се втурнува меѓу своите приврзаници и се обидува да ги поттикне со својот бес веднаш да тргнат во битка. Но меѓу безбројните милиони кои со измама ги вовлекол во побуна против Бога, нема повеќе ниеден кој ја признава неговата превласт. Неговата моќ е при крај. Грешниците се исполнети со иста омраза против Бога како и сатаната. Но тие увидуваат дека нивниот случај е безнадежен и дека не можат да се борат против Бога. Нивната омраза сега се распалува против сатаната и против оние што биле негови орудија во делото на измамата, и со демонски бес се свртуваат против нив. {МАР 347.2}
Господ вели: ’Бидејќи го изедначуваш твојот ум со умот на Бога, еве, Јас ќе доведам против тебе туѓинци, највешти меѓу народите, и тие ќе ги извадат своите мечеви против убавината на твојата мудрост и ќе го помрачат твојот блесок; тие ќе те турнат во гроб‘. ’те истерав тебе, херувиме – заштитник, среде огнени камења … Јас те соборив на земја, те предадов на потсмев пред царевите … Јас те претворив во пепел на земјата пред очите на сите, што те гледаат … ти стана за ужас и исчезна засекогаш‘ (Езекиел 28:6-8,16-19). … {МАР 347.3}
Од небото од Бога слегува оган. Земјата се отвора. Оружјето скриено во нејзините длабочини се исфрла надвор. Од секоја отворена бездна блика пламен што голта. И самите карпи горат. Дошол денот вжарен како печка. Стихиите се растопуваат во огнот, а Земјата и делата на неа изгоруваат.“ (Големата борба, стр. 671,672) {МАР 347.4}
