1 декември — Панорамска сцена над Светиот град

Мараната — Господ доаѓа

Панорамска сцена над Светиот град

1 декември

„Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло.“ (2 Коринтјаните 5:10) {МАР 343.1}

„Над престолот се појавува крст; и како панорамски поглед се прикажуваат сцените на Адамовото искушение и неговиот пад, како и последователните чекори преземени со големиот план на спасението. Раѓањето на Спасителот во понизност, Неговата едноставност и послушност во младоста, крштевањето во Јордан, постот и искушението во пустината; Неговата јавна служба што им ги открива на луѓето најдрагоцените небесни благослови, деновите исполнети со дела на љубов и милост, ноќите на молитва и бдеење на горите, во самотија; заговорите од завист, омразата и пакоста како возврат за сите Негови добри дела, страшната и таинствена агонија во Гетсиманија под притисок на товарот на гревовите на целиот свет; предавството во рацете на злосторничкиот џган; страшните настани, онаа ноќ на ужас – кога како затвореник не давајќи никаков отпор, бил напуштен од Своите сакани ученици и насилно влечен низ ерусалимските улици; изведувањето на Божјиот Син пред Ана и пред судот во палатата на првосвештеникот, потоа водењето во Пилатовата судница и пред кукавичкиот и свиреп Ирод; исмејуван, навредуван, малтретиран и најпосле осуден на смрт – сето тоа живописно е прикажано. {МАР 343.2}

А потоа, пред мноштвото што трепери, се откриваат последните сцени: трпеливиот Маченик чекори по патеката кон Голгота; небесниот Кнез виси на крстот; горделивите свештеници и злобниот народ ја исмеваат Неговата претсмртна агонија; натприродната темнина; земјотресот, одронетите карпи и отворените гробови го означуваат моментот кога Откупителот на светот издивнал. {МАР 343.3}

Страшните сцени се појавуваат токму онака како што се одиграле. Сатаната, неговите ангели и неговите поданици немаат сила да го одвратат својот поглед од сликата која толку верно ги прикажува нивните постапки. Секој актер се присетува на улогата што ја одиграл. … Сите ја гледаат големината на својата вина. Залудно се обидуваат да се скријат пред божественото величество на Неговото лице кое го надминува сјајот на Сонцето, додека откупените ги ставаат своите круни пред нозете на Спасителот извикувајќи: ’Тој умре за мене!‘“ (Големата борба, стр. 666,667) {МАР 343.4}