30 ноември — Награди и казни

Мараната — Господ доаѓа
Награди и казни
30 ноември
„Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот;“ (Матеј 25:34) {МАР 342.1}
„Спасителот ни ги прикажува сцените на конечниот суд, кога оние од Неговата десна страна ќе добијат награда, а оние од левата страна казна. Праведниците се прикажани како се чудат, не знаејќи што сториле за да бидат толку великодушно наградени. Христос постојано престојувал во нивните срца; биле проникнати со Неговиот Дух и без свесен напор од своја страна Му служеле на Христа служејќи им на Неговите светии, и така добиле сигурна награда. Но не очекувале никаква награда, па тоа не била побудата што ги поттикнувала на служба. Сè што направиле било од љубов кон Христа и кон нивните ближни, а Христос се поистоветува со напатеното човештво и смета дека сите дела направени од сочувство, сожалување и љубов кон луѓето Му се направени Нему. … {МАР 342.2}
Наградата треба да ја цениме, но таа треба да стои на второ место во однос на љубовта кон Бога и кон ближните. Но ако го цениме ветувањето за благословите, треба да имаме совршена доверба во Исуса Христа, верувајќи дека Тој ќе постапи правилно и ќе ни даде награда според нашите дела. Божјиот дар е вечен живот, но Исус не би сакал премногу да се грижиме за наградите, зашто треба да ја извршуваме Божјата волја затоа што е исправно, без оглед на наградата. … {МАР 342.3}
Оние кои во својата работа и ревност покажале нежно сочувство кон сиромашните, сираците, угнетените и несреќните ќе примат богата награда. … Околу нас има луѓе со кроток и едноставен дух, со Христов дух, кои прават мали нешта за да им помогнат на луѓето околу себе, без воопшто да мислат на тоа. На крајот ќе бидат зачудени кога ќе дознаат дека Христос ги слушал љубезните зборови упатени кон обесхрабрените и го видел и најмалиот дар даден со самоодрекување за да се олесни товарот на сиромашните. Господ го мери духот и соодветно наградува, а чистиот, понизен дух на љубов, сличен на детскиот, ја прави жртвата драгоцена во Неговите очи.“ (Review and Herald, 3. јули 1894.) {МАР 342.4}
