27 ноември — Конечниот суд

Мараната — Господ доаѓа

Конечниот суд

27 ноември

„Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни.“ (Откровение 20:12) {МАР 339.1}

„Сега Христос повторно се покажува на видикот на Своите непријатели. Високо над градот, на темел од блескаво злато, стои престол, величествен и возвишен. На овој престол седи Божјиот Син, а околу Него се поданиците на Неговото царство. Исусовата моќ и величество не можат да се опишат со ниту еден јазик, со ниедно перо. Славата на вечниот Отец го опкружува Неговиот Син. Сјајот на Неговото присуство го исполнува Божјиот град и се разлева надвор од градот распространувајќи ги своите зраци по целата земја. {МАР 339.2}

Најблиску до престолот се оние кои некогаш ревнувале за делото на сатаната, но кои, како гламни, биле истргнати од огнот и почнале да го следат Спасителот со длабока, искрена посветеност. По нив следат оние кои и покрај тоа што биле опкружени со лаги и неверство изградиле совршен христијански карактер, потоа оние кои го почитувале Божјиот закон кога христијанскиот свет го прогласил за безвреден и безначаен, и милиони верници од сите времиња кои заради својата вера претрпеле маченичка смрт. А зад нив се наоѓа ’големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете‘ (Откровение 7:9). {МАР 339.3}

Откупените го подигаат својот глас во песна на благодарност која одѕвонува низ небесниот свод: ’За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!‘ (Откровение 7:10). Небесните ангели со своите гласови им се придружуваат во славењето на Бога. … {МАР 339.4}

Во присуство на собраните жители на небото и Земјата, конечно се извршува крунисувањето на Божјиот Син. И сега, облечен во врвно величество и сила, Царот над царевите ја изрекува пресудата над бунтовниците против Неговото владеење, и ја извршува правдата над оние што го престапувале Неговиот закон и го угнетувале Неговиот народ. … {МАР 339.5}

Штом ќе се отворат книгите со извештаите и Исусовото око ќе ги погледне непокајаните, тие веднаш ќе станат свесни за секој свој грев што го направиле.“ (Големата борба, стр. 665,666) {МАР 339.6}