26 ноември — Безбожниците се подготвуваат за напад на Новиот Ерусалим

Мараната — Господ доаѓа

Безбожниците се подготвуваат за напад на Новиот Ерусалим

26 ноември

„А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок.“ (Откровение 20:7,8) {МАР 338.1}

„Во оваа огромна толпа народ се наоѓаат многу од поколенијата на долговечните жители на претпотопниот свет, луѓе со висок раст и со силен ум, кои, препуштајќи ѝ се на власта на паднатите ангели, сета своја способност и знаење ги посветиле за да се издигнат себеси; луѓе кои со своите чудесни уметнички дела го навеле светот да ја обожува нивната генијалност, но нивната суровост и злите пронајдоци осквернувајќи ја земјата и изопачувајќи ја Божјата слика му дале на Господа повод да ги отстрани од лицето на земјата како Негови созданија. Тука се царевите и генералите кои покорувале народи, храбри луѓе кои никогаш не изгубиле битка; горделиви и амбициозни воини пред кои трепереле царствата. Тие ни во смртта не се промениле. Кога излегле од гробовите, го продолжиле текот на своите мисли токму таму каде што се прекинал. Истата желба за освојување што ги раководела кога паднале, ги поттикнува и сега. {МАР 338.2}

Сатаната се договара со своите ангели, а потоа и со овие цареви, освојувачи и силни луѓе. Набљудувајќи ја силата и бројот на нивната страна, изјавуваат дека војската во градот е мала во споредба со нивната и лесно може да се совлада. Прават планови како да го заземат богатството и славата на Новиот Ерусалим. Сите веднаш почнуваат да се подготвуваат за борба. Прочуените мајстори изработуваат воени орудија. Генералите, познати по своите успеси, ги организираат многубројните борци во чети и дивизии. {МАР 338.3}

Најпосле се дава заповед за тргнување, и безбројното мноштво трга напред, војска каква што никогаш не собрале земните освојувачи, со неа не можат да се споредат ниту сите обединети сили на сите времиња откако почнала војна на земјата. Најмоќниот воин, сатаната, ги предводи, а неговите ангели ги обединуваат своите сили за последната битка. Царевите и војниците се во негова непосредна придружба, а народот ги следи во организирани формации, секоја предводена од својот лидер. Со воена прецизност се движат збиените редови преку испуканата и нерамна земна површина, кон Божјиот град. На Исусова заповед се затвораат портите на Новиот Ерусалим, а војската на сатаната го опколува градот и се подготвува за напад.“ (Големата борба, стр. 664) {МАР 338.4}