25 ноември — Сатаната е ослободен од заробеништвото

Мараната — Господ доаѓа
Сатаната е ослободен од заробеништвото
25 ноември
„А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок.“ (Откровение 20:7,8) {МАР 337.1}
„По истекот на овие илјада години, ќе настапи второто воскресение. Тогаш грешниците ќе воскреснат од мртвите и ќе се појават пред Бога за над нив да се изврши ’напишаниот суд‘ (Псалм 149:9). Така писателот на Откровението, откако го опишал воскресението на праведниците, вели: ’Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години‘ (Откровение 20:5). А Исаија, за грешниците, изјавува: ’И ќе бидат собрани наедно како затвореници во затвор, и ќе бидат заклучени во темница и по многу денови ќе бидат казнети‘ (Исаија 24:22).“ (Големата борба, стр. 661) {МАР 337.2}
„Сега сатаната се подготвува за последната битка за превласт. Додека бил лишен од својата моќ и немал кого да измамува, кнезот на злото бил несреќен и огорчен. Но штом ќе воскреснат мртвите грешници, и тој на своја страна ќе види толкаво мноштво, неговите надежи пак оживуваат и тој одлучува да не ја напушти големата борба. Тој под своето знаме ќе ја собере сета војска на изгубените и со нивна помош ќе се обиде да ги оствари своите планови. Грешниците се робови на сатаната. Отфрлајќи го Христа, тие ја прифатиле власта на бунтовниот лидер. Тие се готови да ги прифатат неговите предлози и да ги извршат неговите наредби. Но, верен на своето поранешно лукавство, тој не признава дека е сатана. Тој тврди дека е вистински господар на светот, на кого му е одземено наследството на незаконит начин. Тој на своите заведени приврзаници им се претставува како спасител, уверувајќи ги дека неговата моќ ги подигнала од гробовите и дека тој сега сака да ги спаси од најсуровата тиранија. Бидејќи Христос е отсутен, сатаната прави чуда за да го поткрепи своето тврдење. Тој слабите ги прави силни и сите ги инспирира со својот дух и енергија. Тој предлага да ги поведе во борба против таборот на светите и да го заземат Божјиот град. Со пеколен триумф укажува на безбројните милиони кои се воскреснати од мртвите и тврди дека тој како нивни водач е способен да го освои градот и повторно да го придобие својот престол и своето царство.“ (Големата борба, стр. 663) {МАР 337.3}
