24 ноември — Христос повторно се враќа на Земјата

Мараната — Господ доаѓа
Христос повторно се враќа на Земјата
24 ноември
„А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: ’Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници.‘“ (Јуда 1:14,15) {МАР 336.1}
„По истекот на илјада години (Откровение 20:7), Христос во придружба на мноштвото откупени и илјадници ангели, повторно се враќа на Земјата. Додека се спушта во Својата неопислива величественост, Тој ги повикува мртвите грешници да станат за да ја чујат својата пресуда. Тие излегуваат од гробовите во огромно мноштво, безбројни како морскиот песок. Каква разлика меѓу нив и оние што станале во првото воскресение! Праведниците беа облечени во бесмртна младост и убавина. Грешниците ги носат на себе трагите на болеста и смртта. {МАР 336.2}
Секое око на ова огромно мноштво е насочено кон славата на Божјиот Син. Едногласно грешниците извикнуваат: ’Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘ Тие не го изговараат тоа од љубов кон Исуса. Силата на вистината ги тера да ги изговорат овие зборови спротивно на нивната волја. Какви што отишле во своите гробови, грешниците такви и излегуваат од нив: со истото непријателство кон Исуса и со истиот бунтовнички дух. Тие нема да имаат ново време на милост за да можат да ги исправат грешките на својот поранешен живот. Со тоа ништо не би се постигнало. Целиот живот исполнет со престапи, не ги омекнал нивните срца. Кога би им се дало уште едно време на милост, тие, исто како и првото, би го поминале во презирање на Божјите заповеди и во предизвикување на бунт против Него. {МАР 336.3}
Христос се спушта на Маслиновата Гора од каде што по Своето воскресение се вознел на небото, и каде што ангелите го повториле ветувањето за Неговото враќање. Пророкот вели: ’ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него‘. ’И ќе застанат нозете Негови на Маслиновата Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Маслиновата Гора од исток кон запад со многу голема долина‘. ’И Господ ќе биде Цар над целата земја‘ (Захарија 14:5,4,9). Кога новиот Ерусалим во својот блескав сјај ќе се спушти од небото, ќе се постави на место исчистено и подготвено за тоа, а Христос со Својот народ и ангелите ќе влезе во Светиот град.“ (Големата борба, стр. 662,663) {МАР 336.4}
