18 ноември — Наградата на оној што придобива души

Патници се водат едни со други по патека под ѕвездено небо

Мараната — Господ доаѓа

Наградата на оној што придобива души

18 ноември

„Разумните ќе сјаат како светила на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш.“ (Даниел 12:3) {МАР 330.1}

„Кога размислувам за овие Даниелови зборови, се наоѓам како се будам ноќе и ги повторувам одново и одново: ’Разумните ќе сјаат како светила на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш‘. Погледнете ги Сонцето и ѕвездите наредени на небото, секоја со своето име. Господ вели: ’оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш‘.“ (In Heavenly Places, стр. 364) {МАР 330.2}

„За да можеме да ја сфатиме важноста на обратувањето на душата од заблудата во вистината, мораме прво да ја сфатиме вредноста на бесмртноста. Мораме да согледаме колку се страшни страдањата на втората смрт и да сфатиме колкава е славата и среќата што ги очекуваат откупените и што значи тоа да се живее во присуство на Оној што умрел за да го издигне и облагороди човекот и на победникот да му даде царска круна. {МАР 330.3}

Ограничениот ум не е во состојба да ја процени вистинската вредност на душата. Со каква благодарност спасените и откупените ќе се сеќаваат на оние што биле орудие за нивното спасение. Никој тогаш нема да ги жали своите несебични напори, истрајно залагање, трпеливо поднесување и сесрдниот копнеж на своето срце за душите, што можеле да бидат изгубени ако тој ја занемарил својата должност или ако се изморил правејќи добро. {МАР 330.4}

Сега тие што ќе бидат облечени во бели облеки се собрани во стадото на Големиот Пастир. Јагнето на престолот ќе го поздрави верниот работник и душите кои се спасени со неговите напори и ќе ги води кон дрвото на животот и изворот на жива вода. Каква радост ќе чувствува Христовиот слуга гледајќи ги овие откупени кои ќе учествуваат во славата на Откупителот! Колку подрагоцено ќе им биде небото на оние што верно работеле во делото за спасување на душите! ’Разумните ќе сјаат како светила на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш‘ (Даниел 12:3).“ (5. Сведоштво, стр. 620,621) {МАР 330.5}

„Она што е постигнато со соработката на луѓето со Бога никогаш нема да пропадне, туку ќе трае низ целата вечност.“ (Fundamentals of Christian Education, стр. 199) {МАР 330.6}