14 ноември — Виножитото над престолот

Мараната — Господ доаѓа

Виножитото над престолот

14 ноември

„И веднаш бев обземен од духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој. Оној што седеше изгледаше како камен јаспис и сардис, а околу престолот виножито, кое прилегаше на смарагд.“ (Откровение 4:2,3) {МАР 326.1}

„Виножитото над престолот стои како вечно сведоштво дека ’Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот‘. … {МАР 326.2}

Бидејќи виножитото во облаците се создава со соединување на сончевата светлина и дождот, виножитото што го опкружува престолот ја претставува соединетата сила на милоста и правдата. Не треба да се истакнува само правдата, зашто така би се засенила славата на виножитото на ветувањето над престолот. Луѓето би можеле да ја видат само казната на Законот. Ако немаше правда ниту казна, немаше да има ни постојаност во Божјото владеење. {МАР 326.3}

Соединувањето на судот и милоста го прави спасението целосно. … Милоста нè повикува да влеземе низ портите во Божјиот град, а правдата со задоволство ѝ ги дава на секоја послушна душа сите права на член на царското семејство, на дете на небесниот Цар. Ако имаме недостатоци во карактерот, не би можеле да поминеме низ портите што милоста ги отворила за послушните, зашто правдата стои на влезот и бара светост од сите што ќе Го видат Бога. {МАР 326.4}

Ако правдата би била укината и божествената милост би можела да им ги отвори портите на сите луѓе без оглед на карактерот, на Небото би дошло до полоша непослушност и побуна отколку тогаш кога сатаната бил исфрлен. Би биле нарушени небесниот мир, среќа и хармонија. Преминувањето од Земјата на Небото нема да го промени човечкиот карактер. Среќата на откупените на Небото произлегува од карактерот сличен на Христовиот, оформен во овој живот. Светиите на Небото најнапред ќе бидат светии на Земјата. {МАР 326.5}

Единствено спасението што Христос го постигнал со Својата жртва за човекот има вредност, зашто тоа спасува од гревот. … Според тоа, Евангелието не го ослабува Божјиот закон, туку ја крши силата на гревот и му го подава жезолот на милоста на покајаниот грешник. … Бог никогаш нема да го заборави Својот народ во неговата борба против злото. Исус нека биде предмет на нашите разговори.“ (Review and Herald, 13. декември 1892.) {МАР 326.6}