13 ноември — Плодовите на дрвото на животот

Мараната — Господ доаѓа

Плодовите на дрвото на животот

13 ноември

„Сред главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите.“ (Откровение 22:2) {МАР 325.1}

„Плодот на дрвото на животот во Едемската градина имал натприродна сила. Да се јаде од него значело да се живее вечно. Тој претставувал лек против смртта. … По појавата на гревот, небесниот Домаќин го пресадил дрвото на животот во небесниот рај.“ (8. Сведоштво, стр. 288) {МАР 325.2} {МАР 325.3}

„Откупените светии кои тука Го љубеле Бога и ги држеле Неговите заповеди ќе влезат низ портите во градот и ќе имаат право на дрвото на животот. Ќе јадат слободно од него како нашите прародители пред падот. Лисјата од тоа бесмртно разгрането дрво ќе служат за исцелување на народите. Тогаш ќе исчезнат сите нивни маки. Никогаш повеќе нема да почувствуваат болест, тага и смрт, зашто ги исцелуваат лисјата на дрвото на животот. Исус ќе го види трудот на Својата душа и ќе биде задоволен кога откупените, кои стенкале под проклетството, ќе бидат собрани околу дрвото на животот и ќе ги јадат неговите бесмртни плодови, врз кои нашите прародители го загубиле правото со прекршувањето на Божјите заповеди. Нема да постои опасност повторно да го загубат правото на дрвото на животот, зашто оној што ги искушувал нашите прародители ќе биде уништен со втората смрт.“ (Мојот живот денес, стр. 355) {МАР 325.4}

„Послушноста кон сите Божји заповеди била услов да смеат да јадат од плодовите на дрвото на животот. Адам паднал поради непослушност. … Послушноста преку Исуса Христа му дава на човекот совршен карактер и право на дрвото на животот. Условите за повторно стекнување на правото на дрвото на животот се јасно истакнати во Христовото сведоштво упатено до Јован: ’Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите‘ (Откровение 22,14).“ (The SDA Bible Commentary, том 1, стр. 1086) {МАР 325.5} {МАР 325.6}

„Бидејќи ќе имаат пристап кон дрвото на животот во одамна загубениот Едем, откупените ќе растат до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги од проклетството на гревот, а Христовите верни ќе се појават во убавината на Господа, нашиот Бог, по духот, душата и телото, одразувајќи ја совршената слика на својот Господ. О, прекрасен откуп, за кој одамна се зборувало, желно се очекувал, но никогаш целосно не бил сфатен!“ (Големата борба, стр. 645) {МАР 325.7}