12 ноември — Што око не видело и уво не чуло

Мараната — Господ доаѓа
Што око не видело и уво не чуло
12 ноември
„Но, како што е напишано: ’Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат.‘“ (1 Коринтјаните 2:9) {МАР 324.1}
„Оние кои вистински Го љубат Бога ќе сакаат да ги умножат талантите што Тој им ги дал, за да им бидат благослов на другите. Во иднина небесните порти ќе бидат широко отворени за да ги примат, а благословот што нивните уши ќе го слушнат од усните на Царот на славата ќе биде како најубава музика: ’Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот‘ (Матеј 25,34). Така откупените ќе бидат пречекани со добредојде во домовите што Исус ги подготвува за нив. Таму нивни другари нема да бидат злите од Земјата, туку оние кои со божествена помош оформиле совршен карактер. Секоја грешна наклоност и секоја несовршеност се отстранети со Христовата крв. Ним сега им се даваат совршенството и светлината на Неговата слава, која далеку ја надминува светлината на Сонцето во неговиот пладневен сјај. Од нив блескаат моралната убавина и совршенството на Неговиот карактер, што се повредни од надворешниот сјај. Тие се без вина пред големиот бел престол, учествувајќи во достоинството и предностите на ангелите. {МАР 324.2}
’Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат‘ (1. Коринтјаните 2,9). Кога ќе го земеме предвид славното наследство што нè очекува, ’каков откуп ќе даде човек за својата душа‘ (Матеј 16,26)? Тој може да биде сиромашен, а сепак да поседува богатство и достоинство што овој свет никогаш не би можел да му ги даде. Душата откупена и очистена од гревот, со сите свои благородни сили посветени на службата за Бога, има извонредна вредност.“ (In Heavenly Places, стр. 367) {МАР 324.3}
„Вечно да престојуваме во таа блажена татковина, со душата, телото и духот совршено да му прилегаме на нашиот Творец, наместо да ги носиме мрачните траги на гревот и проклетството; низ бескрајните времиња на вечноста да напредуваме во мудроста, знаењето и светоста, откривајќи секогаш нови тајни, нови чуда и нови убавини на кои ќе им се восхитуваме, постојано да растеме во способноста да сознаваме, да уживаме и да љубиме, знаејќи дека пред нас сè уште е бескрајна радост, љубов и мудрост — тоа е целта кон која постојано укажува христијанската надеж.“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 55) {МАР 324.4}
