8 ноември — Изненадувања на Небото

Мараната — Господ доаѓа

Изненадувања на Небото

8 ноември

„Но Господ му рече на Самоил: ’Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.‘“ (1 Царства 16:7) {МАР 320.1}

„Често токму тие што Христос сака да ги привлече кон себе, ние ги прогласуваме за безнадежни случаи. … На небото ќе се најдат многу такви кои нивните соседи ги сметале за недостојни за небото. Луѓето судат според изгледот, а Бог суди според срцето.“ (Христовите параболи, стр. 71,72) {МАР 320.2}

„Некои од откупените ќе Го примат Христа во последните часови од својот живот; и оние што заминале во смрт без совршено да го разберат планот на спасението, на Небото ќе добијат поуки и упатства за него.“ (The SDA Bible Commentary, том 5, стр. 1124) {МАР 320.3}

„На Исуса, во Неговата агонија на крстот, Му дошол зрак на утеха. Тоа била молбата на разбојникот што се каел. … Во ранетиот, исмеван и прикован Исус на крст, тој го видел Божјото Јагне, Кое на Себе ги зема гревовите на светот. Со глас кој истовремено изразувал надеж и болка, оваа беспомошна душа, која била пред смрт, Му се доверила на Спасителот: ’Сети се на мене, Господи‘, рекол тој, ’кога ќе дојдеш во царството Свое!‘.

Одговорот бргу дошол. Гласот бил мек и милозвучен, а зборовите полни со љубов, сожалување и сила: ’Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!‘.“ (Копнежот на вековите, стр. 750,751) {МАР 320.4}

„Таквата вера може да се прикаже со параболата за работниците кои дошле во единаесеттиот час и примиле иста плата како оние што работеле цел ден. Разбојникот на крстот се молел со вера, покајание и понизност. Се молел најсрдечно, како целосно да сфатил дека Исус, ако сака, може да го спаси.“ (The SDA Bible Commentary, том 5, стр. 1125) {МАР 320.5}

„Оние што Христос ги пофалува на судот можеби малку ја познавале теологијата, но ги негувале Неговите начела. … Меѓу незнабошците има луѓе кои, без да знаат, Му служат на Бога, луѓе на кои светлината никогаш не им била пренесена преку некое човечко орудие, но кои сепак нема да пропаднат. Иако не знаеле за пишаниот Божји закон, тие Го слушнале Неговиот глас како им зборува во природата и го правеле она што го барал Законот. Нивните дела говорат дека Светиот Дух ги допрел нивните срца и тие ќе бидат признаени како Божји деца. … {МАР 320.6}

Колкумина ќе бидат изненадени и колку ќе се израдуваат неистакнатите и понизни луѓе меѓу разните незнабожечки народи, кога од усните на Спасителот ќе ги слушнат зборовите на признание: ’доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле‘. Колку радосно ќе заигра срцето на Бескрајната љубов, кога со зборови на одобрување ќе ги изненади и израдува Своите следбеници!“ (Копнежот на вековите, стр. 638) {МАР 320.7}