4 ноември — Неискажлива радост

Мараната — Господ доаѓа

Неискажлива радост

4 ноември

„Имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји.“ (Евреите 12:2) {МАР 316.1}

„’Ова ви го реков‘, рекол Исус — ’за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна‘. (Јован 15:11) {МАР 316.2}

Христос секогаш го имал на ум резултатот на Својата мисија. Неговиот живот на земјата бил толку полн со тешка работа и самопожртвуваност, што го разведрувала само помислата дека не се мачи толку за ништо. Давајќи го Својот живот за животите на луѓето, Тој требал да го обнови Божјиот лик во човештвото. Требал да нè издигне од правот, да го преобрази карактерот според образецот на Својот карактер и да го разубави со Сопствената слава. {МАР 316.3}

Христос го видел измачувањето на Својата душа и бил задоволен. Ја опфатил широчината на вечноста со поглед и ја видел среќата на оние што преку Неговото понижување ќе добијат простување и вечен живот. Тој бил ранет за нивните гревови, мачен за нивните беззаконија. Врз Него паднала казната за нивниот мир и тие биле излекувани со Неговите рани. Го слушнал воскликот на откупените. Ги слушнал откупените како ја пеат песната на Мојсеј и на Јагнето. Иако морал прво да прими крваво крштевање, иако гревовите на светот морале да паднат на Неговата невина душа, иако врз Него лежела сенка на неискажлива мака, но сепак, поради радоста што ја гледал пред Себе, Тој одлучил да го поднесе крстот и да го презре срамот. {МАР 316.4}

Сите Негови следбеници треба да ја делат таа радост. Колку и да е славна и голема нашата иднина, ние нема да ја примиме целата награда, туку ќе ја примиме дури во времето на конечното избавување. Со вера ние уште тука треба да влеземе во радоста на Спасителот. Како Мојсеј и ние треба да истраеме, како да Го гледаме Невидливиот.“ (Здравје и среќа, стр. 504) {МАР 316.5}

„На оние кои ќе Го примат, Тој им дава власт да станат синови Божји, за Бог на крајот да може да ги прими како Свои, да престојуваат со Него низ целата вечност. Ако за време на овој живот бидат верни на Бога, тие на крајот ’ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни‘ (Откровение 22:4). А што може да претставува поголема небесна среќа отколку да се види Бог? Има ли поголема радост за грешникот, кој е спасен преку Христовата благодат, отколку да го види Божјото лице и да Го запознае како Татко?“ (8. Сведоштво, стр. 267,268) {МАР 316.6}