29 октомври — Секое Божјо дете добива круна

Мараната — Господ доаѓа

Секое Божјо дете добива круна

29 октомври

„Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат.“ (Јаков 1:12) {МАР 310.1}

„Видов голем број ангели како носат од градот славни круни — круна за секој светец, со неговото име напишано на неа. Кога Исус ги побара круните, ангелите Му ги подадоа и Тој со Својата десна рака ги ставаше на челата на светиите. Исто така ангелите донесоа харфи, а Исус им ги даде на светиите. Ангелите заповедници први почнаа да свират, а потоа сите гласови се издигнаа во благодарна, радосна пофалба, и секоја рака вешто ги допираше жиците на харфата, создавајќи милозвучна музика во богата и совршена хармонија. … {МАР 310.2}

Во градот сè беше такво што очите не можеа да се одвојат од глетката. Насекаде се гледаше раскошна слава. Тогаш Исус погледна кон Своите откупени светии. Нивните лица блескаа од слава. Кога ги насочи Своите очи полни со љубов кон нив, рече со богат, милозвучен глас: ’Го гледам трудот на Својата душа и задоволен сум. Оваа величествена слава е ваша, за вечно да уживате во неа. На вашите таги им дојде крај. Смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе.‘ … {МАР 310.3}

Потоа го видов Исус како го води Својот народ до дрвото на животот. … На дрвото на животот растеа најубави плодови, од кои светиите можеа слободно да јадат. Во градот беше поставен најславниот престол, од кој течеше чиста река со вода на животот, бистра како кристал. Од двете страни на таа река беше дрвото на животот, а на речните брегови имаше и други прекрасни дрвја што раѓаа плодови. … {МАР 310.4}

Јазикот е премногу сиромашен за да го опише небото. Додека пред мене минуваат овие сцени, се губам во восхит. Обземена од ненадминливиот сјај и извонредната слава, го оставам перото и извикувам: ’О, каква љубов! Каква чудесна љубов!‘ Ни највозвишениот јазик не може да ја опише небесната слава и неспоредливата длабочина на љубовта на Спасителот.“ (The Story of Redemption, стр. 413,414) {МАР 310.5}