23 октомври — Блажената надеж

Мараната — Господ доаѓа
Блажената надеж
23 октомври
„Да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос,“ (Тит 2:13) {МАР 304.1}
„Исус рекол дека ќе замине и ќе подготви станови за нас, за и ние да бидеме таму каде што е Тој. Засекогаш ќе живееме и ќе уживаме во светлината на Неговото драгоцено лице. Моето срце потскокнува од радост поради блажената надеж. Речиси сме дома. Небото, милото небо! Тоа е нашиот вечен дом. Среќна сум секој миг што Исус живее; и затоа што Тој живее, и ние ќе живееме. Мојата душа вели: Славете Го Господа. Во Исуса е полнотата, поткрепа за секого, за сите; тогаш зошто да умираме за леб или да гладуваме во туѓи земји? {МАР 304.2}
Гладна сум и жедна за спасение, за целосна согласност со Божјата волја. Имаме вистинска надеж во Исуса. Таа е сигурна и непоколеблива и ’влегува дури зад завесата‘. Нè теши во болката, ни дава радост во стравот, ја растерува темнината околу нас и прави низ неа да ги гледаме бесмртноста и вечниот живот. … Земните богатства не нè привлекуваат додека ја имаме оваа надеж, која јасно ја покажува минливоста на земното богатство и се држи за бесмртното наследство, богатството што е трајно, чисто, вистинско и неминливо. … {МАР 304.3}
Нашите смртни тела може да умрат и да бидат положени во гробот. Сепак блажената надеж и понатаму живее до воскресението, кога Исусовиот глас ќе ги повика оние што спијат во правот. Тогаш ќе се радуваме во полнотата на блажената и славна надеж. Знаеме во Кого сме поверувале. Не трчаме напразно, ниту работиме напразно. Пред нас е богата, славна награда. Тоа е наградата за која трчаме, и ако храбро истраеме, сигурно ќе ја добиеме. … {МАР 304.4}
Ни е понудено спасение; зошто да останеме далеку од изворот? Зошто да не дојдеме и да пиеме, за нашите души да се освежат, да се закрепнат и да се зајакнат во Бога? Зошто толку се врзуваме за земните работи? Да зборуваме и размислуваме за она што има поголема вредност од земното. Нашите мисли нека се движат во небесните предели. О, да размислуваме за прекрасниот, беспрекорен Исусов карактер, зашто гледајќи Го, ќе се преобразуваме во истиот лик! Бидете храбри. Имајте вера во Бога.“ (In Heavenly Places, стр. 352) {МАР 304.5}
