14 октомври — Гневот на Јагнето

Мараната — Господ доаѓа

Гневот на Јагнето

14 октомври

„И царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари, велејќи им на планините и на карпите: ’Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето,‘“ (Откровение 6:15,16) {МАР 295.1}

„Погрдните потсмевања престанаа. Замолкнуваат усните што лажеле. Замолкнува ѕвекотот на оружјето, борбениот вик; ’секоја војничка обувка во време на војна и облека, извалкана од крв, ќе бидат предадени на изгорување, за храна на огнот‘ (Исаија 9:4). Сега не се слуша ништо, освен гласот на молитвата и звукот на плачење и тажење. Од усните на оние кои пред малку се подбиваа им се испушта извикот: ’Дојде големиот ден на Неговиот гнев и кој може да опстане?‘ Грешниците повеќе сакаат да паднат врз нив горските карпи отколку да се сретнат лице в лице со Оној што го презреле и отфрлиле. {МАР 295.2}

Тие го познаваат тој глас кој продира до ушите на мртвите. Колку често со Својот тажен, нежен глас ги повикувал на покајание. Колку често го слушнале гласот на Спасителот во трогателните молби на пријателот и братот! За оние што ја отфрлиле Неговата милост, ниту еден друг глас не може да биде толку полн со осуда и толку тежок во пресудата, како оној кој толку долго ги преколнувал: ’Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате‘ (Езекиел 33:11). О, кога тоа за нив би бил глас на туѓинец! Исус кажува: ’Јас викав, а вие не послушавте; ја протегав својата рака, но никој не ја забележа; вие ги отфрливте моите совети, не внимававте кога ве изобличував‘ (Изреки 1:24,25). Овој глас ги буди сеќавањата кои тие сега со задоволство би сакале да ги избришат – презрените опомени, одбиените повици и занемарените предности. {МАР 295.3}

Тука се оние кои му се подбивале на Христа во Неговото понижување. Со неодолива сила на ум им доаѓаат зборовите на Маченикот, кога на заколнувањето на Првосвештеникот свечено изјавил: ’Отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци‘ (Матеј 26:64). Сега Го гледаат во Неговата слава, и допрва ќе Го видат ’како седи од десната страна на Силата‘ (Марко 14:62). … Во животот на сите оние кои ја отфрлаат вистината, постојат моменти кога совеста се буди, кога сеќавањето ги изнесува на виделина мачните спомени за лицемерниот живот, а душата ја мачи залудно каење. Но, што е сето тоа во споредба со грижата на совеста во оној ден кога ’ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и мака‘ (Изреки 1:27). Оние што решиле да го убијат Христа и Неговиот верен народ, сега ја гледаат славата што ги опкружува.“ (Големата борба, стр. 642,644) {МАР 295.4}