15 октомври — Бог се вмешува во Армагедон

Мараната — Господ доаѓа

Бог се вмешува во Армагедон

15 октомври

„Писок ќе одекнува по сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Тој ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ.“ (Еремија 25:31) {МАР 296.1}

„Шест илјади години трае големата борба. Божјиот Син и Неговите небесни гласници биле во судир со силите на злото за да ги предупредат, да ги просветлат и да ги спасат синовите човечки. Сега секој ја донел својата одлука; грешниците потполно се соединиле со сатаната во неговата борба против Бога. Настапило време Бог да го одбрани авторитетот на Својот погазен закон. Сега не се води борба само со сатаната, туку и со луѓето. ’Господ им суди на сите народи‘, ’нечесните ќе ги предаде на меч‘. {МАР 296.2}

Знак на ослободување е поставен врз оние ’што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите што се вршат‘. Ангелот на смртта оди напред, прикажан во видението на Езекиел како луѓе со смртно оружје во раката, на кого му е заповедано: ’старец, момче и девојка, дете и жена, бијте ги до смрт, но не гибајте ни еден од луѓето кои имаат знак, а почнете од моето светилиште‘. Пророкот вели: ’И тие почнаа од старешините што стоеја пред домот‘ (Езекиел 9:1-6). Уништувањето започнува од оние што тврделе дека се духовни чувари на народот. Лажните стражари се првите кои паѓаат. Ангелот на смртта нема никого да сожали или да го поштеди. Мажи, жени, девојки и деца – сите ќе загинат. {МАР 296.3}

’Зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени‘ (Исаија 26:21). … Во таа ужасна борба на сопствените жестоки страсти и од страшното излевање на Божјиот непомешан гнев, паѓаат грешните жители на Земјата – свештеници, владетели и народ, богати и сиромаси, големи и мали. ’А во оној ден ќе има погубени од Господ од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ниту прибрани, ниту погребани‘ (Еремија 25:33).“ (Големата борба, стр. 656,657) {МАР 296.4}