12 октомври — Оние што Го прободоа

Мараната — Господ доаѓа

Оние што Го прободоа

12 октомври

„Исус рече: ’Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како иде на облаците небески.‘“ (Марко 14:62) {МАР 293.1}

„Додека [еврејските водачи] ја гледаат Неговата слава, пред нив се јавува споменот за Синот Човечки облечен во облеката на човечката природа. Се сеќаваат како постапувале со Него, како Го отфрлиле и застанале на страната на големиот отпадник. Сцените од Христовиот живот се појавуваат пред нив во сета своја јасност. Сè што направил, сè што кажал и понижувањето на кое бил изложен за да ги спаси од заразата на гревот, излегува пред нив за да ги осуди. {МАР 293.2}

Го гледаат како влегува во Ерусалим јавајќи и Го гледаат скршен од душевна болка и солзи за закоравениот град што ја отфрла Неговата вест. Неговиот глас, кој ги повикувал, ги молел и им се обраќал со нежна грижа, како повторно да одекнува во нивните уши. Пред нив се појавува сцената од Гетсиманската градина и ја слушаат Христовата потресна молитва: ’Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша‘. {МАР 293.3}

Повторно го слушаат Пилатовиот глас: ’Јас не најдов во Него ништо што заслужува смрт‘. Ја гледаат понижувачката сцена во судницата, кога Варава стоел покрај Христа, а тие можеле да Го изберат Невиниот. Повторно ги слушаат Пилатовите зборови: ’Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?‘ Го слушаат и одговорот: ’Не Овој, туку Варава.‘ На Пилатовото прашање: ’А што да правам со Исус, наречен Христос?‘, доаѓа одговорот: ’Распни Го!‘ {МАР 293.4}

Повторно ја гледаат својата Жртва како го носи срамот на крстот. Ги слушаат гласните, победнички гласови со подбивните извици: ’Ако си Син Божји, симни се од крстот!‘ ’Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси!‘ {МАР 293.5}

Сега не Го гледаат во Гетсиманската градина, ниту во судницата, ниту на голготскиот крст. Знаците на Неговото понижување поминале, а тие гледаат во Божјото лице — лицето што го плукале, лицето што свештениците и водачите го удирале со своите дланки. Сега вистината им е откриена во сета своја јасност.“ (Review and Herald, 5. септември 1899.) {МАР 293.6}