11 октомври — Судот при второто Христово доаѓање

Мараната — Господ доаѓа

Судот при второто Христово доаѓање

11 октомври

„И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство:“ (2 Тимотеј 4:1) {МАР 292.1}

„Сцената на судот ќе се одвива во присуство на сите светови, зашто на овој суд Божјото владеење ќе биде оправдано, а Неговиот закон прогласен за ’свет, праведен и добар‘. Тогаш секој случај ќе биде решен и на секого ќе му биде изречена пресуда. Гревот тогаш нема да биде привлечен, туку ќе се види во сета своја ужасна големина.“ (Sons and Daughters of God, стр. 361) {МАР 292.2}

„Ниеден човечки јазик не може да ги опише сцените на второто доаѓање на Синот Човечки на небесните облаци. Ќе дојде во Својата слава, во славата на Отецот и во славата на светите ангели. Ќе дојде облечен во облеката на светлина што ја носел од вечноста. Ќе Го придружуваат ангели. Десет илјади по десет илјади ќе Го придружуваат на Неговиот пат. Ќе се чуе звукот на труба, повикувајќи ги од гробовите мртвите што спијат. Христовиот глас ќе допре до гробовите и ќе проникне до ушите на мртвите, ’сите, кои се во гробовите, … ќе излезат‘. {МАР 292.3}

’Ќе се соберат пред Него сите народи.‘ Оној што умрел за човекот треба да му суди во последниот ден, зашто Отецот ’целиот суд Му го предаде на Синот; … и Му даде власт да суди, зашто Тој е Синот Човечки‘. Каков ден ќе биде тоа за оние што Го отфрлиле Христа и чии гревови Го проболе!“ (Review and Herald, 5. септември 1899.) {МАР 292.4}

„При Неговото второ доаѓање секое срце ќе биде осведочено. Оние што се одвратиле од Него кон безначајните работи на овој свет, барајќи себична добивка и световна чест, во денот на Неговото доаѓање ќе ја признаат својата грешка. За нив зборувал писателот на Откровението: ’И ќе се расплачат пред Него сите племиња на земјата‘. … {МАР 292.5}

’И оние што Го прободоа.‘ Овие зборови не се однесуваат само на луѓето што Го проболе Христа кога висел на голготскиот крст, туку и на оние што Го прободуваат денес со зли зборови и лоши дела.“ (Signs of the Times, 28. јануари 1903.) {МАР 292.6}