21 септември — Времето на Јакововата неволја

Мараната — Господ доаѓа

Времето на Јакововата неволја

21 септември

„О, тешко, голем е оној ден, нема сличен на него; тоа е мачно време за Јаков, но тој ќе биде избавен од него.“ (Еремија 30:7) {МАР 272.1}

„Видов дека ангелите ќе ги држат четирите ветра сè додека Исусовото дело во светилиштето не биде завршено, а потоа ќе следат седумте последни зла. Овие зла го разгоруваат гневот на злите против праведниците, затоа што тие сметаат дека ние сме ги навлекле Божјите казни врз нив и дека неволјите ќе престанат ако нѐ истребат од земјата. Па така издаваат декрет светиите да бидат погубени, што верните ги тера дење и ноќе да викаат кон Господа за избавување. Тоа е време на ’Јакововите маки‘.“ (Рани списи, стр. 36,37) {МАР 272.2}

„Како што сатаната влијаел врз Исава да тргне против Јакова, така тој ќе ги поттикнува и грешниците да го уништат Божјиот народ во времето на неволјата. И како што го обвинил Јакова, така ќе ги истакнува и своите обвинувања против Божјиот народ. Тој луѓето во светот ги смета за свои поданици, но малата група која ги држи Божјите заповеди му се спротивставува на неговата превласт. Кога би можел да ја истреби оваа група од земјата, неговиот триумф би бил целосен. Тој гледа дека светите ангели ги чуваат и врз основа на тоа заклучува дека нивните гревови се простени, но не знае дека нивните случаи се решени во небесното Светилиште. Тој точно ги познава гревовите на кои ги навел и ги изнесува пред Бога во зголемена светлина, тврдејќи дека тој народ заслужува да биде лишен од Божјата милост како и самиот тој. Тој тврди дека Господ не може во Својата праведност да им ги прости гревовите, а него и неговите ангели да ги уништи. Тој полага право над нив како на свој плен и бара да бидат предадени во негови раце за да ги уништи. {МАР 272.3}

Бидејќи сатаната го обвинува Божјиот народ поради неговите гревови, Господ му дозволува да ги искушува до крајни граници. Нивната доверба во Бога, нивната вера и решителност, ќе бидат тешко искушани. Кога гледаат во минатото, нивната надеж тоне, зашто во целиот свој живот можат да видат само малку добро. Тие се потполно свесни за својата слабост и недостојност. Сатаната настојува да ги заплаши со помислата дека нивниот случај е безнадежен и дека дамката на нивната нечистотија не може никогаш да се испере. Тој се надева дека на тој начин нивната вера ќе биде уништена до таа мера што ќе попуштат на неговите искушенија и ќе се откажат од својата верност кон Бога.“ (Големата борба, стр. 618,619) {МАР 272.4}