13 септември — Крајот на времето на милоста минува незабележано

Мараната — Господ доаѓа
Крајот на времето на милоста минува незабележано
13 септември
„А за времињата и часовите, браќа, нема потреба да ви се пишува, бидејќи вие самите многу добро знаете: денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време.“ (1 Солунјаните 5:1,2) {МАР 264.1}
„Праведниците и грешниците сè уште ќе живеат на земјата како смртници. Луѓето ќе садат и ќе градат, ќе јадат и ќе пијат, сосема несвесни дека во небесното Светилиште е изречена конечната, неотповиклива одлука. Пред потопот, откако Ное и неговото семејство влегле во ковчегот, Бог ги затворил внатре, а безбожниците ги спречил да влезат. Сепак, луѓето, не знаејќи дека нивната судбина е запечатена, седум дена живееле безгрижно, исполнети со уживања, и им се потсмевале на предупредувањата за судот што се приближувал. Спасителот вели: ’Такво ќе биде доаѓањето на Синот Човечки‘. Тивко, незабележливо како крадец на полноќ, ќе дојде решавачкиот час кога ќе се запечати судбината на секој човек и кога милоста што им била понудена на грешните луѓе конечно ќе биде повлечена.“ (Review and Herald, 9. ноември 1905.) {МАР 264.2}
„Луѓето брзо се успиваат во кобна сигурност, а се будат дури кога ќе се излее Божјиот гнев.“ (Големата борба, стр. 562) {МАР 264.3}
„Господ, Кој суди на крајот на времето, ќе помине низ земјата и ќе почне да се излева страшен помор. Тогаш оние што го презирале Божјото слово и малку го ценеле ќе одат од море до море и од север до исток. Ќе трчаат на сите страни барајќи го Господовото слово, но нема да го најдат. … Божјите проповедници веќе ќе ја имаат завршено својата последна задача, ќе ја имаат изговорено својата последна молитва и ќе ја имаат пролеано својата последна горчлива солза за бунтовната црква и за безбожниците.“ (Manuscript 1, 1857) {МАР 264.4}
„Христовиот поглед, насочен низ вековите, бил запрен врз нашето време кога рекол: ’Кога би можел во овој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир!‘ Сè уште е твојот ден, о Божја цркво, на која Тој ѝ го доверил Својот закон. Овој ден на доверена одговорност и испитување се ближи кон својот крај. Сонцето брза кон зајдисонцето. Може ли да зајде, а ти да не го разбереш ’она што е потребно за твојот мир‘? Ќе мора да биде изречена неотповикливата пресуда: ’Но тоа е сега сокриено од твоите очи‘ (Лука 19,42).“ (Letter 58, 1887) {МАР 264.5}
