4 септември — Ветување за божествена помош

Мараната — Господ доаѓа
Ветување за божествена помош
4 септември
„Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете.“ (Матеј 10:19) {МАР 255.1}
„Христовите слуги не треба да подготвуваат однапред утврдени говори кога ќе бидат изведени пред судовите поради својата вера. Треба да се подготвуваат од ден на ден, положувајќи ги во своите срца драгоцените вистини на Божјото слово. Треба да се хранат со Христовото учење и во молитва да ја зајакнуваат својата вера. Тогаш, кога ќе бидат изведени на суд, Светиот Дух ќе ги потсети на токму онаа вистина што ќе допре до срцата на оние што ќе дојдат да слушаат. Во вистинското време, кога ќе биде потребно, Бог ќе го осветли нивниот ум со знаењето што го стекнале со трудољубиво истражување на Светото писмо.“ (Counsels on Sabbath School Work, стр. 40,41) {МАР 255.2}
„Сега треба да бидете подготвени за времето на испитувањето. Сега треба да знаете дали вашите стапала се утврдени на Вечната Карпа. Морате да имате свое лично искуство и да не зависите од другите за својата светлина. Кога ќе бидете изложени на искушение, како знаете дека нема да бидете сами, без ниеден земен пријател на ваша страна? Ќе можете ли тогаш да сфатите дека Христос е вашата поткрепа? Ќе можете ли да се сетите на ветувањето: ’Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот‘? Околу вас ќе има невидливи суштества што ќе ја посакуваат вашата пропаст. Сатаната и неговите помошници ќе се трудат на секој начин да ја разнишаат вашата цврстина и приврзаност кон Бога и Неговата вистина. Но ако го насочувате погледот кон Неговата слава, не треба да се грижите како ќе сведочите за Неговата вистина.“ (Review and Herald, 26. април 1892.) {МАР 255.3}
„Момчиња и девојки, растете ли до полната височина на мажи и жени во Христа, за во времето на неволјата да не бидете одвоени од Изворот на својата сила? За да опстанеме во тоа време на испитување, мораме сега, во времето на мир, да стекнеме живо искуство со Бога. Сега мораме да го почувствуваме длабокото дејствување на Светиот Дух. Христос мора да ни биде сè и во сè, Алфа и Омега, прв и последен, почеток и свршеток.“ (Review and Herald, 3. мај 1892.) {МАР 255.4}
