28 август — Чистење на Светилиштето

Мараната — Господ доаѓа

Чистење на Светилиштето

28 август

„Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред Него.“ (Даниел 7:13) {МАР 248.1}

„По Своето вознесување нашиот Спасител го започнал Своето дело како наш Првосвештеник. Павле вели: ’Зашто Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас‘. (Евреите 9,24) {МАР 248.2}

Осумнаесет векови е вршена оваа служба во првото одделение на Светилиштето. Христовата крв ги застапувала покајаните грешници, осигурувајќи им проштевање и прифаќање кај Отецот, но сепак нивните гревови сè уште останале запишани во небесните книги. Како што во симболичната служба на крајот од годината било извршено чистење, така пред Христос да го доврши откупот на човекот, треба исто да се изврши чистење, да се отстранат гревовите од Светилиштето. Тоа е онаа служба што почна кога истекоа предвидените 2300 дена. … во тоа време нашиот Првосвештеник влегол во светињата над светињите да го изврши последниот дел од Својата свечена служба – да го исчисти Светилиштето. … {МАР 248.3}

Доаѓањето на Христа како наш Првосвештеник во светињата над светињите да го исчисти Светилиштето, опишано во Даниел 8:14; доаѓањето на Синот човечки кај Старецот опишано во Даниел 7:13 и доаѓањето Господово во Неговиот храм, претскажано во Малахија – сето тоа се описи на еден ист настан; тој настан е претставен и со доаѓањето на младоженецот на свадбата, како што го опишал тоа Христос во параболата за десетте девојки во Матеј 25. глава. {МАР 248.4}

Чистењето на Светилиштето … вклучува дело на истрага — судење. Ова дело мора да се изврши пред Христос да дојде да го откупи Својот народ; зашто кога ќе дојде, ќе му донесе награда на секој човек според неговите дела. {МАР 248.5}

Во денот на последната пресметка, положбата, влијанието или богатството нема ни најмалку да го променат нечиј случај. Сезнајниот Бог ќе им суди на луѓето според нивната чистота, благородност и љубов кон Христа.“ (The Faith I Live By, стр. 207) {МАР 248.6}