27 август — Проучувајте го прашањето за Светилиштето

Мараната — Господ доаѓа
Проучувајте го прашањето за Светилиштето
27 август
„Другиот му рече: ’Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти.‘“ (Даниел 8:14) {МАР 247.1}
„Треба да бидеме сериозни истражувачи на пророштвата. Не смееме да запреме сè додека добро не го разбереме прашањето за Светилиштето, откриено во виденијата на пророците Даниел и Јован. Ова прашање фрла голема светлина врз нашата сегашна состојба и задача и ни дава непогрешлив доказ дека Бог нè водел во минатото. Тоа го објаснува нашето разочарување во 1844 година, покажувајќи ни дека Светилиштето што требало да биде очистено не била земјата, како што претпоставувавме, туку дека Христос тогаш влегол во најсветиот дел на небесното Светилиште, каде што се извршува завршното дело на Неговата свештеничка служба, како исполнување на зборовите на ангелот упатени до пророкот Даниел. {МАР 247.2}
Било утврдено дека 2300-те пророчки денови започнале кога стапила во сила заповедта на Артаксеркс за обнова и за изградба на Ерусалим есента 457. година пред Христа. Ако го земеме ова како појдовна точка, тогаш гледаме совршен склад при толкувањето на сите настани што се означени во Даниел 9:25-27. … Седумдесетте седмици или 490 години требало да се однесуваат особено на Евреите. На крајот од овој временски период оваа нација го запечатила своето отфрлање на Христа со прогонството на Неговите ученици, и апостолите 34-та година по Христа почнале да им проповедаат на незнабошците. Бидејќи истекле првите 490 од 2300 години, преостанале уште 1810 години. Овие 1810 години се протегаат од 34-та година по Христа сè до 1844. година. ’Тогаш‘, според зборовите на ангелот, ’Светилиштето ќе се очисти‘. {МАР 247.3}
Нашата вера во однос на првата, втората и третата ангелска вест била исправна. Големите патокази покрај кои поминавме не се поместуваат. Иако војските на пеколот може да се обидат да ги искорнат од нивните темели, нема да успеат. Овие столбови на вистината остануваат цврсти како вечните планини, кои не можат да бидат поместени со никакви напори на луѓето здружени со сатаната и неговата војска. Можеме многу да научиме и треба постојано да го истражуваме Светото писмо за да видиме дали е тоа така.“ (The Faith I Live By, стр. 208) {МАР 247.4}
