20 август — Вистинскиот знак на вистината

Мараната — Господ доаѓа

Вистинскиот знак на вистината

20 август

„И му рече Господ: ’Мини по средината на градот, по средината на Ерусалим, и стави им знак на челата на луѓето, оние што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат во него.‘“ (Езекиел 9:4) {МАР 240.1}

„Обрнете внимание: оние што го примаат печатот на вистината со силата на Светиот Дух, а ова дело на запечатување овде е претставено со човекот облечен во лен, се оние ’што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат‘ во црквата.“ (3. Сведоштво, стр. 267) {МАР 240.2}

„Оние кои не чувствуваат никаква тага заради сопственото духовно опаѓање ниту плачат заради гревовите на другите, нема да го примат Божјиот печат. … {МАР 240.3}

Нема да бидат запечатени сите кои тврдат дека ја празнуваат саботата. Постојат мнозина, дури и меѓу оние кои поучуваат други за вистината, а кои нема да го примат Божјиот печат на своите чела. Тие ја примиле светлината на вистината, ја знаат волјата на својот Господар, ја сфаќаат секоја точка на нашата вера, но немаат дела кои се соодветни на ова. … {МАР 240.4}

Никој од нас нема да го прими Божјиот печат сѐ додека на својот карактер има барем и една дамка. Ние треба да ги исправиме недостатоците на нашиот карактер, да го очистиме храмот на нашата душа од секоја нечистотија. Тогаш позниот дожд ќе се излие на нас како што раниот дожд се излеал на учениците на Духовден. … {МАР 240.5}

Што правите браќа во ова големо дело на подготвување? Тие кои се соединуваат со светот примаат световен карактер и се подготвуваат да го примат белегот на ѕверот. Додека оние кои немаат доверба во самите себе, кои се понизни пред Бога и кои ги чистат своите души преку послушност на вистината – тие примаат небесен карактер и се подготвуваат да го примат Божјиот печат на своите чела. Кога декретот ќе стапи на сила и кога белегот ќе биде втиснуван, нивниот карактер ќе остане чист и беспрекорен за вечноста. {МАР 240.6}

Сега е време да се подготвиме. Божјиот печат нема да биде ставен на челото на некој нечист маж или жена. Тој нема да биде ставен на челото на славољубив маж или жена кои го сакаат овој свет. Тој никогаш нема да биде ставен на челата на мажите и жените со лажлив јазик или измамливи срца. Сите што сакаат да го примат печатот мора да бидат беспрекорни пред Бога – кандидати за небото.“ (5. Сведоштво, стр. 211,213—216) {МАР 240.7}