11 август — Во согласност со Законот

Мараната — Господ доаѓа

Во согласност со Законот

11 август

„Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое.“ (Псалми 119:34) {МАР 231.1}

„Со новото раѓање срцето стапува во хармонија со Бога и во хармонија со Неговиот закон. Кога кај грешникот ќе настане оваа голема промена, тогаш тој преминал од смртта во живот, од гревот во светост, од престапот и бунтот во послушност и верност. … {МАР 231.2}

Погрешните теории за посветувањето, кои се резултат на занемарувањето или отфрлањето на Божјиот закон, исто така заземаат истакнато место во денешните верски движења. Овие теории се неточни во доктрините (учењата) и се опасни во своите практични резултати; а фактот дека тие наидуваат на топол прием кај луѓето, уште еднаш ја нагласува итната потреба да се разјаснат учењата на Светото писмо во врска со ова прашање. {МАР 231.3}

Вистинското посветување е библиско учење. Апостол Павле во своето послание упатено до црквата во Солун изјавува: ’Ова е волјата Божја, вашата светост‘. И тој се молел: ’А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сè‘ (1. Солунјаните 4:3; 5:23). Библијата јасно учи што е тоа посветување и како може да се постигне. Спасителот се молел за Своите ученици: ’Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина. … И за нив јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината‘ (Јован 17,17.19). А Павле учи дека верните ќе бидат посветени со Светиот Дух (Римјаните 15:16). Што е задача на Светиот Дух? Исус им рекол на учениците: ’А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина‘ (Јован 16:13). И псалмистот вели: ’Сите Твои заповеди се вистина‘ (Псалм 119:86). Преку Божјото слово и Божјиот Дух на човекот му се откриваат големите начела на правдата што се отелотворени во Божјиот закон. Бидејќи Божјиот закон е ’свет, справедлив и добар‘, а тој е одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот што се формира преку послушноста на овој Закон исто така ќе биде свет. Христос е совршен пример на еден таков карактер. Тој кажал: ’Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец‘. ’Секогаш го вршам она што Му е угодно‘ (Јован 15:10; 8:29). Христовите следбеници треба да станат како Него – со Божја благодат треба да формираат карактер кој ќе биде во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Ова е библиско посветување. {МАР 231.4}

Ова дело може да се изврши само со вера во Христа и со силата на Божјиот Дух.“ (Revival and Beyond, стр. 13,14) {МАР 231.5}