7 август — Совршенство во рамките на човечката природа

Мараната — Господ доаѓа
Совршенство во рамките на човечката природа
7 август
„Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“ (Матеј 5:48) {МАР 227.1}
„Нашиот Спасител совршено ја познавал човечката природа и на секое човечко суштество му вели: ’Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен‘. Како што Бог е совршен во Својот делокруг, така и човекот треба да биде совршен во својот делокруг. Оние што Го примаат Христа се меѓу оние на кои им се упатени зборовите полни со надеж: ’А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји‘. Овие зборови ни кажуваат дека треба да се стремиме кон совршен и највозвишен карактер, карактер сличен на божествениот. Кога некој поседува таков карактер, животот, посветеноста и чистотата на верата се поучен пример за другите.“ (Medical Ministry, стр. 112,113) {МАР 227.2}
„Но оние што мислат дека ќе доживеат волшебна промена на карактерот без да вложат напор да го совладаат гревот, ќе бидат разочарани. Немаме причина за страв сè додека гледаме кон Исуса, немаме причина да се сомневаме дека Тој може да ги спаси сите што доаѓаат кај Него. Меѓутоа, секогаш постои опасност нашата стара природа повторно да надвладее и непријателот да подготви некаква стапица, со која повторно би станале негови заробеници. Своето спасение треба да го изградуваме со страв и трепет, зашто Бог прави во нас и да сакаме и да дејствуваме според Неговата добра волја. Со нашите ограничени сили треба да бидеме свети во својот делокруг, како што е Бог во Својот. Во границите на нашите способности треба да ја покажуваме вистината, љубовта и совршенството на божествениот карактер. Како што восокот го прима отпечатокот на печатот, така душата треба да го прима Божјиот Дух и да го одразува Христовиот лик. {МАР 227.3}
Секојдневно треба да растеме во духовна убавина. Често нема да успеваме во нашите напори да го следиме божествениот пример. Често ќе мора да се поклониме пред Христовите нозе и да плачеме поради своите недостатоци и грешки, но да не се обесхрабруваме. Мораме уште посрдечно да се молиме, поцелосно да веруваме и повторно да се обидуваме со поголема сила да растеме во Господовиот лик. Бидејќи не се потпираме на сопствената сила, ќе се потпираме на силата на нашиот Откупител и ќе Му оддаваме слава на Бога, Кој е здравјето на нашето битие и нашиот Бог.“ (Selected Messages, книга 1, стр. 336,337) {МАР 227.4}
